Корисниците на дроги дискриминирани и без соодветна програма за лекување  

Употребата на дроги не е новост, ниту реткост во земјава. Речиси 9% од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19% од младите на возраст од 15 до 24 години. Сепак, корисниците на дроги се уште се дискриминирани, додека лекувањето се спроведува во супстандардни просторни и хигиенски услови. Луѓето со посебни потреби и старите лица со отежнато движење немаат пристап до центрите за лекување, кои работат само во прва смена и издаваат терапија не подоцна од 14 часот. Истовремено, програмите за лекување на зависности се предоминантно ориентирани кон лекување на опијатна зависност со супституциска терапија со метадон и со бупренорфин.

Ова се дел од заклучоците на ХОПС, организација која вчера во Градскиот парк преку настан „Лекувањето е право, а не привилегија“ по петти пат се вклучи на „Support. Don’t Punish“, глобална кампања за политики на дроги кои се базираат на здравствени и човекови права.

Фокусот на ХОПС на кампањата е на квалитетот на програмите за лекување во Македонија. Моментално е актуелена ситуацијата во Кисела вода, со Дневниот центар за превенција, лекување и третман на болести на зависности.

На настанот „Лекувањето е право, а не привилегија“ уметникот Dreadpen црташе графит, а истовремено граѓани дискутираа и пренесуваа пораки за поддршка и еднаков третман за сите.

„Има отпор на локалното население кон Центарот и барање за негова дислокација. Сметаме дека проблемот што побрзо треба да се реши. Ставот на ХОПС е да има дисперзија, да се отворат на повеќе места низ Скопје, а не самиот Центар да се пресели од едно до друго место, или како што се предлозите – надвор од град. Тоа не е добро решение, не е квалитетен третман, така нема да се реши проблемот“, вели Силвана Наумова од ХОПС во разговор со Радио МОФ.

Исто така, апелираат до надлежните, освен медикаментозната терапија која сега постои, да се најде решение за психосоцијална поддршка која, нагласува Наумова, е многу важна во процесот на лекување.

Силвана Наумова

„Најблиску до нас е Љубљана, каде во самото централно подрачје има дневен Центар за третман и лекување. Постојат многу различни примери како е решена дисперзијата. Од ситуации каде само матични лекари ја даваат терапијата, од отворање на мали центри, до мобилни комбиња што носат терапија итн. Значи, треба да се избере соодветен модел за Скопје, кој е апликативен, а не само да копираме нечиј модел и да не биде успешен. Услугите треба да се однесат во заедницата каде лицата живеат. Тоа ќе им овозможи за 15 минути да стигнат до Центарот да го земаат својот лек“, нагласува Наумова.

Исто така, ова ќе им овозможи да најдат работа, да бидат дел од општеството и да допринесуваат. Таа потенцира дека најголем дел се работоспособни луѓе, меѓутоа, заради лекот кој треба да го земаат секојдневно, хронично, се доведуваат да бираат помеѓу терапија или работа.

„Кога Центарот и третманот ќе им биде на пет минути од дома, тогаш нема да го имаат тој проблем“, забележува таа.

Ако има посебни програми за рехабилизација, ресоцијализација и реинтеграција, тогаш и тој сегмент, за вклопување во општеството – ќе биде поефективен.

„Постојат различни модели и програми. За жал, постоеја два центри во Македонија – во Охрид и Куманово, под надлежност на Министерство за труд и социјална политика, но пред неколку години ги затворија и двата, а функционираа добро. Ние немаме Центар за рехабилитација и ресоцијализација, освен еден дневен центар кој го има ХОПС. Исто така, немаме програми за лекување на деца и млади до 18 години“, забележува претставничката на ХОПС, советничка за политики и практики за намалување на штети од употреба на дрога.

Затоа, се надеваат на побрзо решение. Изготвена е програма, вели таа, па чекаат нејзино усвојување, бидејќи трендовите покажуваат дека младите употребуваат различни супстанци, а државата не може да им понуди соодветен третман.

„Ние се уште сме дискриминирачки настроено општество. И дискриминираме многу работи, меѓу кои и корисниците на дроги. Нашите сознанија покажуваат дека се уште се дискриминирани во здравствени институции, само заради тоа што се корисници на дроги. Се случува да бидат одбиени за одредена здравствена услуга, или неквалитетно да ја добијат, или ако ја добијат да бидат дискриминирани. Се уште на проблемот се гледа како ‘сами си го барале’, а не како здравствен проблем“, потенцира Наумова.

Затоа се потребни поголеми, пошироки кампањи за анимирање на јавноста – дека и луѓето кои користат дроги имаат право на лекување и ги уживаат истите права.

„Тие се дел од од нашето општество, нашето соседство, нашите семејства“, констатира Наумова.

Инаку, ХОПС преку истражувањето „Квалитетот на програмите за лекување на зависности во Македонија“, меѓу другото, потенцира дека околу 1,1% од граѓаните во Македонија пробале опиоидни дроги, а бројот на лица кои ги употребуваат со инјектирање се проценува на околу 6.800.

Супституциското лекување за опијатна зависност во Психијатриската болница Скопје датира од раните осумдесетти години на 20 век, додека почнувајќи од 2005 година со поддршка од Глобалниот фонд лекувањето беше дисперзирано во уште 9 градови низ државава.

„Само 27% од луѓето што инјектираат дроги во Македонија се вклучени во програмите за лекување на зависници, што е под европскиот просец кој изнесува 50%“, стои во анализата на ХОПС.

Освен доминантната супституциска терапија со метадон и бупренорфин, други пристапи во лекувањето не се достапни во рамките на јавноздравствените установи, а не постојат ниту програми за лекување на неопијатни зависности, освен за зависност од алкохол.

Исто така, постои сериозен дефицит на кадар со соодветна стручна подготовка, особено на психијатри, во програмите за лекување низ целава држава.

Дел од тимот на ХОПС заедно со уметникот Dreadpen; фото: ХОПС

„Во одредени центри бројот на психијатри е премногу мал за да одговори на потребите на големиот број на пациенти, а на некои локации третманот на зависности го спроведуваат само медицински сестри или лекари од други специјалности. Во вакви услови не е можно следење на резултатите од лекувањето индивидуално за секој пациент, ниту пак препознавање и справување со психијатриските коморбидитети“, стои во документот на ХОПС.

 

Бојан Шашевски