Коригирани 22 учебника за новата учебна година, во тек се изготвуваат 31 учебник за стручно образование

Дваесет и два коригирани учебника за учебната 2018/2019 ќе достави Министерството за образование и наука низ училиштата.

Директорката на педагошката служба Вангелија Велева соопшти дека се овозможени интервенции на најмногу до 30 отсто од содржината на учебниците.

„Целокупниот процес почна со спроведување анкета низ училиштата преку која добивме првичен сигнал за конкретните потреби од промени низ содржините на одредени учебници“, рече Велева.

Сите ученици од прво, второ и трето одделение ќе имаат нови комплети учебници секоја учебна година, информираше министерот Арбер Адеми. Воедно, во тек е процесот за изготвување на нови 31 учебник за стручно образование.

На новинарско прашање кога сите учебници ќе бидат достапи, министерот рече дека ќе има задоцнување во испораката на набавените учебници и побара разбирање ветувајќи дека во септември ќе ги има учебниците.

По првпат од оваа учебна година сите учебници што МОН ги обезбедува бесплатно за учениците истовремено ќе бидат во слободна продажба и тоа со истата цена по која Министерството ги откупува.

Покрај ова, годинава за првпат се воведува и италијанскиот јазик како втор странски јазик.