Концерт на ФМУ – студенти ќе ги свират делата на Томислав Зографски

Творечкиот опус на Зографски во изведба на студенти од ФМУНа 28 март (петок) во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе се одржи авторскиот концерт на Томислав Зографски (1934-2000), по повод 80 години од неговото раѓање.

Зографски е еден од најистакнатите македонски композитори чијшто обемен и разновиден творечки опус со дела од речиси сите жанрови, вклучително  и монументалните симфониски и ораторијални остварувања, претставува непроценлив влог во ризницата на македонската музичка култура. Тој беше долгогодишен професор по композиција и теориски предмети на Факултетот за музичка уметност – Скопје во чијашто класа дипломирале голем број македонски композитори кои што се денес меѓународно афирмирани и добитник е на бројни државни и стручни награди и признанија.

На програмата на концертот се дела на Томислав Зографски – од најраните до подоцнежните опуси, со што ќе се претстават различните страни од неговиот творечки лик.

„ Овој концерт е дел од специјалниот концертен циклус на Факултетот за музичка уметност – Скопје кој се одвива повеќе години и носи наслов „Од страниците на творештвото на…“, а им е посветен на истакнатите композитори – професори на ФМУ. На концертот во чест на Томислав Зографски учествуваат голем број студенти од сите изведувачки катедри, а ќе настапи и нашиот добро познат оркестар „Солисти на ФМУ“ кој го раководи проф. Велко Тодевски. За младите изведувачи е вистински предизвик да ја интерпретираат музиката на македонските композитори и музиката на Томислав Зографски, да се запознаат со неговиот стил и израз, да ги допрат длабочините на неговите идеи“, вели деканот на ФМУ – Скопје,  професорката Гордана Јосифова-Неделковска.

Концертот ќе започне во 19 часот, а влезот е слободен.