Контроли на банкарските сметки на новинари и невладини во Србија

Српското министерство за финансии минатиот месец побарало банките да им обезбедат информации за сметките на голем број медиуми, новинарски здруженија, невладини организации и индивидуалци.

Според управата за спречување перење на пари целта на оваа постапка е да се утврди дали невладините и здруженијата се поврзани со перење на пари или тероризам.

На списокот на организации кои се проверуваат се наоѓаат и Здружението на новинари на Србија (НУНС) и Новинарската асоцијација на Србија (УНС), како и повеќе медиуми кои често откриваат злоупотреби на власта, како што се ЦИНС, БИРН и КРИК.

На списокот се наоѓаат вкупно 20 луѓе и 37 организации и здруженија.

„Прашање е дали намерата на власта е навистина да се справи со феноменот на перење пари и финансирање тероризам, или пак е активност насочена кон лица и организации кои имаат критичко мислење и ги истакнуваат негативните феномени во општеството“, велат од УНС во нивното соопштение.

„Ние сметаме дека овој потег на власта е сериозен притисок на слободата на изразување и уште еден обид за дискредитирање на професионалните новинари и новинарски организации, медиуми и други невладини организации“, вели Жељко Бодрожиќ, претседателот на НУНС.

Директорот на Центарот за истражувачко новинарство (ЦИНС), Бранко Чечен, кој и самиот се наоѓа на списокот кој се проверува од институциите, вели дека барањето за проверка на сметките претставува злоупотреба од институциите за пресметка со критичарите на власта.

„Мене управата за перење пари да проверува дали перам пари… Во земја во која цвета криминал, во земја во која Дарко Шариќ – најмалку милијарда евра – вложил во земјава, а управата не се огласи. Министерот на финансии е човек со 24 стана во Бугарија. Што се 24 недвижности во Бугарија, туку перење на пари? И сега, покрај сè ова, они ме проверуваат мене… Мислам, ќе умрат од смеење кога ќе видат што сè поминува на мојата сметка“, изјавил Чечен за Н1 Телевизија.

Управата за спречување перење на пари барале увид и во динарската и во девизната сметка, со наведени основи на прилив и одлив на парите и по чиј налог се вршат исплатите. Истовремено од банките било побарано и информации за овластените лица на сметките, како и тоа дали сопствениците на сметките имаат сеф во банката.

За овој потег реагираа и од Европската федерација на новинари, кои изјавија дека будно ќе го следат овој процес, додека случајот е пријавен до Советот на Европа и платформите за мониторирање на медиумските слободи.