„Контрола“ и „Нашиот клас“ на третата вечер на МОТ

Вчера вечер, во склоп на официјалната програма за третата вечер на МОТ, ги погледнавме претставите „Контрола“ и „Нашиот клас“.

„Контрола“ и „Нашиот клас“ на третата вечер на МОТ

Невообичаениот перформанс наречен „Контрола“, режиран од Теа Беговска, младата актерска екипа од ФДУ и ЕСРА го одигра во еден од автобусите на ЈСП, како замена за стандардната театарска сцена. „Контрола“ раскажува за секојдневните настани во градскиот превоз, притоа адаптирајќи се и на актуелните случувања, отворено критикувајќи го видеото „Кажи НЕ на насилството“ и низата предрасуди прикажани во истото.

За време на перформансот, сретнавме прототипови на патници кои се честа слика во градските автобуси. Присуствувавме и на една од тепачките во градските автобуси, започната само поради меѓусебната различност на двата табора, без некоја особена, суштинска причина. Велам „сретнавме“ и „присуствувавме“ затоа што „Контрола“ е интерактивен перформанс, кој од публиката бара директно вклучување во самото дејство и бескомпромисно го поставува прашањето „Кој те контролира тебе? Кого контролираш ти?“ кон сите присутни.

„Контрола“ и „Нашиот клас“ на третата вечер на МОТ

Перформансот индуктивно ја разгледува темата на контролата, тргнувајќи од контролорите за автобуски билети, кон општествените правила и норми кои го врамувааат нашето однесување во посакуваните категории. Разгледувајќи ја потребата за надворешно контролирање на луѓето како единствена пречка за нивно целосно ослободување, младата актерска екипа бара од присутните да се „разбудат“ и да ја побараат сопствената слобода. Освежувачки храбро и неочекувано искрено, „Контрола“ ја бара тенката линија помеѓу слободата и контролата, границата на која стои човечноста.

Претставата „Нашиот клас“ во режија на Владимир Милчин е еден времеплов кој нé води во Полска во годините на советската, нацистичката окупација и обидот на ликовите да ги вратат своите животи во нормала и да расчистат со минатото, што се испоставува невозможно. Децата од еден клас ги споделуваат еден со друг своите желби и амбиции.

Ги запознаваме како младинци, некои Полјаци, некои Евреи, секој со различен карактер и сопствени идеали. Потоа доаѓа советската војска на чело со Сталин. Евреите соработуваат со нив, ги кодошат и клеветат Полјаците, а тие се жестоко казнети. По советите – нацистите. Сега доаѓа ред на Полјаците да им се одмаздат на Евреите. Соучениците се предаваат еден со друг, жртви се на тортура, прогон, силување, убиство… Благодарение на тројца од главните ликови, овозможен е погром на 1600 Евреи од нивното гратче.

„Контрола“ и „Нашиот клас“ на третата вечер на МОТ

Оние кои преживуваат се до последниот здив измачувани од товарот кој го носат на плеќите и титулата која ја заработиле: убијци, силувачи, предавници, кукавици. Колку и да се обидуваат да расчистат со минатото, тоа е невозможно. Оние што војната ја преживеале сами, не штитејќи ги останатите, и главните злосторници, на крај плаќаат најскапо – со смртта на своите деца.

Претставата е еден одличен приказ на нискиот морал и склоноста да се предаде другиот за да се спаси своето – тенденција која сите луѓе ја имаат во војна. Пораката е јасна: Не е толку важно да се преживее, колку што е важно да се живее со чисто срце и совест.

Во официјалната програма за вчерашната вечер, публиката имаше можност да ги проследи и танцувачките перформанси „Јас сум…“ и „(О)тело“, како и буто перформансот на Васил Зафирчев, „Дневникот на хулиганот“.

Јована Ѓорѓиовска

Стефанија Тенекеџиева