Асоцијацијата на независната културна сцена Јадро денеска организира виртуелна изложба на фотографии насловена „Контраст и време“ на уметникот Јордан Манчев од Кавадарци.
Изложбата претставува селекција на фотографии работени во последните 10-тина години, без континуитет и однапред одреден план.
Главниот мотив или концепт се: Контрастот како фундаметален принцип во композицијата во дизајнот, сликарството, фотографијата , музиката, како и времето без кое што цртањето со светлина или фотографијата не може да се замисли, со чија помош се манипулираат и менуваат фотографиите и времето како четврта димензија во пејзажот.
Манчев досега работел графички дизајн и обликување на продукти, а денеска работи со илустрација, фотографија, видео…
Со фотографија поинтензивно се занимава од 2004 година, во тоа време исклучиво на филм, во 35мм и среден формат, а последните неколку години работи дигитална фотографија. Од 2008 до 2018 има реализирано самостојни изложби како и учество во повеќе групни настани како „Фотомедија“ во Скопје, „Млади ликовни уметници и нивни гости“ во Кавадарци, БОШ фестивал во Гевгелија …
Автор е и куратор на две фотографски изложби и тоа: 2015 – Благоја Бањански – Фотографииодархивот 1960 – 1977 и 2019 – Бранко Ивановски – Фотографии од Тиквешките Гроздобери 1965 -1981.
Коавтор е на книгата „Кавадарци низ објективот на старите фотографи“.
Настанот е дел од проектот „УЧЕСТВУВАМЕ, ЗАСТАПУВАМЕ, МЕНУВАМЕ – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институција на јавно-цивилно партнерство 0.2“ на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.