kontracepcija.mk – веб-страна со информативни текстови за сексуалното и репродуктивното здравје

Веб-страната kontracepcija.mk изработена во соработка со Институтот за јавно здравје и ХЕРА, на два јазици информира за методите на контрацепција и грижата за сексуалното и репродуктивното здравје на граѓаните.

Оттаму посочуваат дека веб-страната е изработена во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), Центарот за семејна медицина – Медицински факултет Скопје и Македонското лекарско друштво.

Од ХЕРА посочуваат дека оваа веб-страница е замислена да биде веродостоен извор на информации на македонски и албански јазик, особено за младите на кои често им недостигаат информации за сексуалното и репродуктивното здравје.

Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје истакна дека склучениот меморандум со ХЕРА заради унапредување на здравствената едукацја на сите граѓани, а особено на младите.

“Страницата ќе придонесе кон подигнување на свеста кај населението за грижата за сексуалното и репродуктивното здравје, а со тоа и кон намалување на несаканите последици меѓу кои се непланираната бременост и сексуално преносливите инфекции“, истакна Ќосевска.

Според Андријана Папиќ Манчева од ХЕРА, веб-страната е чекор кон  обезбедување точни и лесно достапни информации за сите, а особено за младите во ранливи ситуации коишто, според истражувањето на ХЕРА, за време на пандемијата имале потреба, но не можеле да најдат информации за контрацепција, сексуално преносливи инфекции и практикување безбеден секс.

„Покрај информации за начинот на функционирање, чинењето и достапноста на сите методи на контрацепција, тука може да се најдат и одговори на најчестите прашања за контрацептивните средства, но и да се постават прашања до стручни лица од релевантните здравствени институции и асоцијации“, истакна Папиќ Манчева.

Од ХЕРА посочуваат дека наспроти јасните заложби за унапредување на пристапот до информации за контрацепцијата, стои фактот дека во земјава ниту едно од достапните контрацептивни средства не се на товар на Фондот за здравствено осигурување, иако Владата уште во 2017 година вети дека тоа ќе се смени.