Контра кадар во Кино Култура на тема „Работничка солидарност“

Во понеделник, во Кино Култура е најавена проекција на филмот „Два дена, една ноќ” (Deux jours, une nuit) и дискусија за работничката солидарност на дебатното кино Контра кадар” – Скопје.

Што значи да се биде единствениот лебоносец во семејството и да се изгуби работата? Разбираме ли вистински која е цената на лошите работни услови по здравјето на работничките, по благосостојбата на цели семејства? Каква е моќта на работничкото здружување против опресијата од оние за кои бројките на остварениот профит се поважни од човечки животи? Кончечно, можно ли е борбата за сопствените работнички права и достоинство да се води индивидуално? Ова се важни прашања кои се ретко поставени во македонското општество денес,а се разработуваат во филмот „Два дена, една ноќ” (2014) на браќата Дарден.

Сандра, работничка во белгиско гратче и единствената вработена во семејството, ја губи работата. Таа има два дена и една ноќ да ги убеди колегите во малата фабрика да се откажат од своите бонуси за таа да ја задржи работата. Неверајтно суптилно, а истовремено моќно е прикажана оваа лична борба и што таа значи во животите на семејствата на работниците.

Гости на проекцијата и дискусијата која следи по неа се Тамара Чаусидис, Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници и Дејан Лутовски, Движење за социјана правда „Ленка” и Левица. Проекцијата започнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.

Дебатно кино „Контра кадар“ – Скопје е културна иницијатива што организира седмични филмски проекции по кои следува дискусија за прашањата што филмот ги загатнува. Филмот служи како референтна точка за дикскусиите, но заедничката рефлекција на отворените прашања е главната цел на седмичните собири, додека анализата на самиот филм е во втор план. Филмската програма на „Контра кадар“ е жанровски, стилски и тематски хетерогена, а дебатниот формат не е фискен, иако има некакви контури кои ја гарантираат можноста за еднакво и целисходно учество во дискусијата на сите присутни. Цел на иницијативата е да одржува континуирана филмска и дебатна култура и да овозможи споделување на мислењата на што повеќе поедници по однос на привремено или постојано актуелните општествени теми.