„Контра кадар“ во Кино Култура на тема бегалци

Дебатното кино „Контра кадар“ – Скопје најавува проекција на филмот „La jaula de oro“ и дискусија за бегалците и нивниот пат низ Македонија, во понеделник (29 февруари) во Кино Култура.

„La jaula de oro“ е провокативен филм со многу моќни моменти. Тоа е приказна за тројца тинејџери од сиромашните квартови на Гватемала, кои патуваат во САД во потрага по подобар живот. На нивното патување од Гватемала преку Мексико тие ќе се соочат со суровата реалност, станувајќи цел на напади, грабежи и страдање од глад.  Филмот беше премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал – во селекцијата Un Certain Regard, каде ја освои Un Certain Talent наградата. При својата мексиканска премиера, на филмскиот фестивал во Морелија, филмот освои три награди: Награда на публиката, најдобар прв филм и награда од новинарите.

Како говорници во дискусијата што следи по филмот ќе бидат Мерсиха Реџепи, активист во бегалскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија и член на Легис и Тара Петковска, активист во бегалскиот камп „Винојуг“ и член на ЛД Солидарност.

„За полесно да го сфатиме размерот на диструкција во Сирија, процентуално ќе го прилагодиме на македонски услови. Значи, доколку војната се случуваше во Македонија, ситуацијата ќе беше ваква:

Популација……………..2.000.000
Жртви……………..…..……30.000 (од кои повеќето цивили)
Бегалци………………..….450.000 (околу 15 посто во Европа)
Внатрешно раселени…..640.000!!!

Замислете, населението на цела Западна Македонија да го преселиш во Источна. Она што се случува во Сирија е најголем егзодус од геноцидот во Руанда пред 20 години.  Поголемиот број од бегалците, при нивниот пат кон Западна Европа, поминуваат низ Македонија. За нивните животни приказни, за преминувањето на границите, за условите во камповите итн, ќе поразговараме со нашите гости“, најавуваат од „Контра кадар“.

Проекцијата започнува во 19 часот, а влезот е слободен.

Дебатно кино „Контра кадар“ – Скопје е независна културна иницијатива што ги доведува во непосредна врска рецепцијата и рефлексијата на филмот како општествен феномен и културен артефакт. „Контра кадар“ го перципира филмот како битен фактор во создавањето и менувањето на современата култура и го препознава потенцијалот на филмскиот дискурс сериозно да влијае врз колективните културни, идејни и политички тендеции. Сепак, филмот служи само како референтна точка за дискусија, додека заедничката рефлекција на отворените теми и прашања е главната цел на седмичните дебатно-филмски собири. Подробната анализа на самиот филм е во втор план, иако ширењето на базични знаења за филмскиот дискурс е една од долгорочните цели на иницијативата.