Контра кадар во Кино култура: Battle in Seattle, револуцијата како институционална или улична борба?

Во понеделник, 4 април, во Кино Култура, дебатното кино Контра Кадар ќе го прикаже филмот на Стјуарт Таунсенд, познатиот Battle in Seattle.

„Од Куба и Че, сè до „Автономната зона” и Студентскиот Пленум, насекаде се случуваат револуции на микро и макро ниво. Според класична дефиниција, револуцијата е фундаментална промена во политичката моќ или организационата структура која се случува во релативно краток период кога популацијата се побунува против моменталната власт“, се вели во најавата на настанот.

По проекција на филмот ќе се отвори дискусија која ќе се обиде да одговори на прашањето „Како подобро се постигнува целта, со улична или институционална борба?“

Проекцијата започнува во 19 часот, а влезот е слободен.

Дебатно кино „Контра кадар“ – Скопје е независна културна иницијатива што ги доведува во непосредна врска рецепцијата и рефлексијата на филмот како општествен феномен и културен артефакт. „Контра кадар“ го перципира филмот како битен фактор во создавањето и менувањето на современата култура и го препознава потенцијалот на филмскиот дискурс сериозно да влијае врз колективните културни, идејни и политички тендеции. Сепак, филмот служи само како референтна точка за дискусија, додека заедничката рефлекција на отворените теми и прашања е главната цел на седмичните дебатно-филмски собири.