Контра кадар Скопје: Проекција на „La Chinoise” и дискусија за студентите и политичкиот активизам

Овој понеделник, во кино Култура при Контра кадар Скопје ќе се прикажува филмот „La Chinoise” (1967) на Жан лук Годар.

Сатиричната, темна комедија следи секвенца од животот на група млади во Париз во доцните 1960-ти, кои формираат револуционерна маоистичка организација. Водени од свежо стекнатите идеали се приготвуваат да испровоцираат револуција во француското општество преку терористички акти. Најпосле, петтемина револуционери заговараат атентат на советски политичар кој доаѓа во посета на Париз, но не тргнува сè според планот.

Оценет како едно од најголемите режисерски достигнувања на Годар. Направен во март 1967, непосредно пред годината кога насилниот студентски протест станува секојдневие во Париз, филмот е карактеризиран како предвесничка и прониклива студија на предизвиците на новиот студентски активизам од следните години.

Студентскиот гнев и незадоволството од политичко-социјалните состојби, канализирани преку протест, се неоспорно способни да пробудат, испровоцираат и иницираат пошироко граѓанско активирање. Кои се границите за студентското делување? Во колкава мера прогресивните студентски движења имаат моќ да исплодат вистинска револуционерна и радикално нова пресвртница во едно општество? Дали студентот, поткрепен со младешки ентузијазам и неискорумпирана верба во иделите, е автентичен носител на револуционерниот агенс за општествена промена кога времето е дојдено или, пак, е импотентен за генерирање и остварување кохерентна политичка визија?

На овие и други поврзани прашања кои произлегуваат од темата „Студентите и политичкиот активизам” ќе се разговара непосредно по проекцијата. Дискусијата е отворена за сите, а особено се очекува вклучување на поранешни и сегашни студенти и младнски активисти од најразлични организации, движења и платформи.

Влезот на дебатните проекции е бесплатен.