Контра Кадар Скопје: Проекција на филмот „Secretary“

Дебатното кино Контра Кадар Скопје продолжува со летните проекции, а за четврток (4 август) на репертоарот е проекцијата на филмот „Secretary“(Секретарка).Влезот е слободен,а проекциите летово се одржуваат во дворот на идниот социјален центар спроти Градежен факултет, во 20 часот.

„Овој пат го избравме филмот “Secretary”. Како може да се дефинира една љубовна/емоционална/сексуална врска? До каде и како може да се испреплетат телесното и емоционалното уживање? Има ли граници? Кој ги поставува? Кој ги поместува? Ова се прашањата што ги отвора филмот „Секретарка“ преку приказната за работната релација на двајца возрасни – шеф и секретарка, којашто се рефлектира и на нивната интимна врска. Дел од одговорите нуди самиот филм, а дел ќе ги споделиме во лежерна дискусија откако заедно ќе го изгледаме“, се вели во најавата за проекцијата.

Дебатно кино „Контра кадар“ – Скопје е културна иницијатива што организира седмични филмски проекции по кои следува дискусија за прашањата што филмот ги загатнува. Филмот служи како референтна точка за дискусиите. Цел на иницијативата е да одржува континуирана филмска и дебатна култура и да овозможи споделување на мислењата на што повеќе поедници по однос на привремено или постојано актуелните општествени теми.