Контра Кадар Скопје – проекција на Detachment и дискусија на тема отуѓување

На 28-мото издание на Контра Кадар СК во понеделник (24.10) од 20 часот во Кино Култура, ќе се прикажува филмот Detachment на Тони Кеј, по што ќе следува дискусија на темата „Отуѓување; здрави методи на повторно зближување“ со психотерапевтот Илија Дојчиновски.

„И никогаш не се чувствував толку како едно, но во исто време толку отуѓен од себе и толку присутен во светот.” – Албер Ками.

Со овој цитат започува филмот “Detachment” од 2011 год. на режисерот Tony Kaye, кој прикажува колку сите се отуѓуваме од самите себеси и од тие кои нè опкружуваат. Понекогаш тоа е поради нетолеранција, себичност, разни дистракции, технологија, минато искуство… но сведоци сме дека сè повеќе се случува во општеството. Последицата е што нè остава тапи, нечувствителни и слаби. Почнуваме да живееме живот кој е механички, без суштинска вредност, пишуваат организаторите.

Токму затоа по оваа проекција ќе се зборува за здравите методи на повторна конекција и како психологијата нуди начин да си помогнеме самите на себе, па и на другите околу нас.

Влезот е слободен.