Контра кадар СК: проекција на „I’m Not There“ и дискусија за Боб Дилан

Неодамна доделената Нобелова награда за литература на Боб Дилан е повод за изборот на дебатната проекција што Контра Кадар СК ја организира во соработка со Книжевен центар АНТОЛОГ во рамки на фестивалот „BookStar“.

Одлуката на Шведската академија несомнено предизвика контроверзија и дискусија за тоа дали музичар-текстописец може да се смета за поет/писател. Од друга страна, неговото дело ги тестира интермедијалните и меѓужанровските граници; комплексноста на текстовите дозволува да уживаме и да ги набљудуваме како книжевни дела за кои не е потребна музичка придружба. Тие станале химни за социјалните движења на едно време и, воопшто, дел од поп-културата дефинирана од американската музика и живот. Тие сè уште допираат до бунтовниот тинејџер, кај кого се раѓа желба за промена, до авторитарниот родител или професор, кои чувствувааат носталгија кон деновите на нивната младост.

I’m Not There е филм што можеби најдобро го претставува Дилан – не лично, туку преку неговите дела и различните идеали што следел и градел во текот на неговата музичка кариера. На дискусијата што ќе следи по неговата проекција, ќе се запрашаме кога делото на една личност е толку големо и влијателно што станува симбол на една цела култура, кои се механизмите за хибридизација и пенетрација на границите меѓу литературата и музиката, дали Дилан и нему сличните барди не се надоврзуваат на една древна традиција во која стихот и жиците се нераскинливо испреплетени?

Проекцијата ќе се одржи во Јавна соба, во сабота (5 ноември), со почеток во 14 часот. Влезот е бесплатен.