Контра кадар СК 20: проекција на контроверзниот анимиран филм „Fritz The Cat” и дружба

Летните проекции на Контра кадар СК се замислени како лабави настани во кои ќе преовладуваат отворени дискусии, без класичното модерирање и наметнување на тема. Овој пат дискусијата е во втор план, а главна цел е гледање на добар филм и дружба.

На проекцијата, закажана за четврток (18 август), ќе се прикажува анимираниот филм „Fritz The Cat”, направен врз основа на истоимениот стрип на Роберт Крамб, чии стрипови биле еден од столбовите на контракултурата во шеесеттите.

Во филмот, преку еден од неговите најкултни ликови, Фриц, антропоморфна мачка, со неговите хедонистички авантури за поголемо општествено дејствување ги сатиризира некои од најбитните движења во тоа време во САД и нивното дејствување, при што ги доведува во прашање и привелегијата на една група врз други, а и псеудо-интелектуализмот што бил доминантен во тоа време во Ну Јорк.

Станува збор за најконтроверзниот анимиран филм во тоа време, кој поради својата експлицитна содржина е првата анимација со рејтинг Х.

Проекцијата ќе се одржи во дворот на идниот социјален центар на ул. „Рајко Жинзифов бр.22“ спроти Градежен факултет.