Контра кадар: Проекција на „Светецот од Форт Вашингтон“ и дискусија за бездомници

Дебатното кино „Контра кадар“ овој месец продолжува со редовна програма во Социјалниот центар – Дуња. Таму утре (06.02.) од 19 часот ќе има проекција на филмот „Светецот од Форт Вашингтон“ од 1993 година и потоа дискусија на тема: Бездомниците – (не) видливи за системот.

Во дискусијата ќе зборуваат и дел од волонтерите во акцијата за помош на бездомниците во С.Ц. Дуња. За личните проблеми со кои се соочува на улица ќе зборува и Ванчо Спасовски, кој ќе биде гостин.

„Колкумина од нас се запрашале која е приказната на оние кои останале без дом? Колку овие луѓе се видливи за општеството и за институциите? Сведоци сме на секојдневното игнорирање од страна на институциите, за нерешавањето, па дури и продлабочувањето на проблемите. Ова е филм за трагичната судбина на оние кои останале без покрив над главата, за сите оние кои општеството ги игнорира, за неостварениот сон на еден млад човек кој завршува на улица – да најде повторно дом“, стои во повикот за настанот.

Инаку, дебатното кино „Контра кадар“ – Скопје е културна иницијатива што организира седмични филмски проекции по кои следува дискусија за прашањата што филмот ги загатнува. Филмот служи како референтна точка за дикскусиите, но заедничката рефлекција на отворените прашања е главната цел на собирите, додека анализата на самиот филм е во втор план.

„Филмската програма на ’Контра кадар’ е жанровски, стилски и тематски хетерогена, а дебатниот формат не е фискен, иако има некакви контури кои ја гарантираат можноста за еднакво и целисходно учество во дискусијата на сите присутни. Цел на иницијативата е да одржува континуирана филмска и дебатна култура и да овозможи споделување на мислењата на што повеќе поедници по однос на привремено или постојано актуелните општествени теми“, велат од „Контра кадар“