Kонтинуирана едукација и медиумски писмени граѓани за справување со вестите на интернет

Потребна е континуирана едукација и медиумски писмени граѓани за полесно справување со говорот на омраза, дезинформациите и лажните вести кои брзо и лесно се шират на социјалните мрежи, беше посочено на конференцијата „Права и обврски при комуницирање на интернет“, на Македонскиот институт за медиуми.  Како што предупредува Надиа Беларди, експертка на Советот на Европа за прашања поврзани со слободата на изразување,  се соочуваме со едно информативно загадување на глобално ниво, а брзината на споделување информации на интернет дополнително ја усложнува состојбата.

„Некои од лековите се едукација, навистина треба да размислуваме како библиотекари и да ги научиме луѓето да разбираат од каде доаѓаат информациите, што претставуваат тие, и да ги поставиме сите основни прашања – дали информацијата може да биде проверена, кој е контекстот. Значи, да се охрабри една култура на љубопитност. Сите оние основи на новинарството би требало да станат дел од основната едукација на младите лица, но треба да се работи и на континуирано образование на повозрасните“, забележува Беларди.

Притоа дополнува дека со оглед на тоа што се повеќе новинари почнуваат да работат односи со јавност,  луѓето мора да се научат да прават разлика меѓу фактичките информации и промотивните содржини, меѓу платената информација и новинарството. Истовремено, посочува, наместо од дигитални гении, интернет публиката е сочинета од дигитални наивци.

„Социјалните медиуми се креирани како комерцијални услуги кои имаат за цел да заработат од ангажманот и податоците на корисниците. Значи не им е главна цел да шират информaции, туку да креираат профит. Овие факти, се нешто сега јасно го гледаме, посебно во светлина на некои од последните скандали. Решенијата не можат да дојдат од компаниите кои остваруваат профит, туку бараат многу покомплексен пристап“, забележува Беларди.

За Билјана Петковска, од Македонскиот институт за медиуми, тешко се наоѓа лек брзото ширење дезинформации и лажни вести на интернет. Таа го поставува и прашањето колку  треба да се верува на технилогијата и на алгоритмите во справувањето со проблематичните содржини, но и како сето ова ќе влијае на слободата на изразување.

„Корисниците бараат заштита на нивната приватност, Владите бараат гаранции и наметнуваат обврски на интернет гигантите како Фејсбук, за заштита на граѓаните од злоупотреба на податоци од овие мрежи. Од друга страна традиционалните медиуми ги обвинуваат социјалните мрежи за своевидно монополистичко однесување и преземање на приходите од рекламите, но и за немање одговорност за јавниот интерес и етиката во јавната комуникација, особено во услови кога новинарството, сфатено како јавно добро, е во криза во светски рамки“, објаснува Петковска.

Комуникологот Сеад Џигл пак укажува на позитивните и негативните ефекти од интернетот во ширење на информациите. Позитивно, вели,  е тоа што јавноста е вклучена во сите процеси, но проблем е што не постои баланс меѓу правата и обврските на корисниците на социјалните мрежи.

„Корисниците на интернет имаат речиси неограничени комуникациски права, а нивните обврски се непостоечки или минимални. Тој дисбаланс е сериозен проблем, посебно во локален контекст кога постоечката правна регулатива не се применува доволно, или се применува селективно“, вели Џигал.

Тој забележува дека во Македонија најчести проблеми на интернет се политичката, верската или етничката нетолеранција, говорот на омраза, дезинформирањето и лажните вести. Слично како Беларди, лекот за излез од состојбите го гледа во едукацијата, но и во препознавањето на етичкото новинарство.

„Тоа значи вклучување на овие теми во редовното образование и поддршка од граѓанскиот сектор во дополнително и неформално образование. Втората точка е етичко новинарство, што подразбира професионални медиуми кои ќе ги почитуваат етичките стандарди и влијателни посединци, нови креатори на јавното мислење кои ќе бидат пример на едно етичко, рационално и одговорно комуницирање, како модел за пошироката јавност, особено за помладите,“ укажува комуникологот.