„Контекстер против Дискурзор“ – перформанс на уметничкото дуо Ефемерки

„Контекстер против Дискурзор“ е перформанс на уметничкото дуо Ефемерки, кое го сочинуваат Драгана Заревска и Јасна Димитровска, а ќе биде изведен вечерва, во 20:30 часот, во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје.

Според организаторките на перформансот, станува збор за еден вид форма на псевдо-предавање во кој се испитуваат мерките на дисциплина спроведувани во светот на академијата и уметноста.

„ Перформансот ги обработува трите принципи на дисциплинирање според Фуко: хиерархиско набљудување, нормализичка критика и испитување преку групите кои и самите промовираат критичко мислење.

Иако светот околу нас се состои од мерливи информации, оние кои имаат пристап до истите информации, не се толку силни како оние кои што знаат како да го искористат тоа во своја полза.
Преку контролирање на информациите произведени од сет на предмети, “Контекстерот и Дискурзорот” се обидуваат да воспостават извесна контрола врз материјалниот свет“, се вели во официјалниот Фејсбук настан.

Перформансот е во рамки на проектот кој неодамна беше изведен на арт-фестивалот „Градот на жените“ во Љубљана.

Од Ефемерки појаснуваат дека поради  природата на перформансот, вратата од галеријата ќе се заклучи во 20:30 часот, затоа ги замолуваат присутните да дојдат порано.