Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2017/2018 година, обезбедува вкупно 35.909 ученички места и тоа 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански наставен јазик, 918 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик (во кои се вклучени и паралелките во реформирано двегодишно и тригодишно стручно образование), информираше Министерството за образование и наука (МОН).
Од учебната 2017/2018 година во средното образование во Република Македонија се воведуваат адаптирани наставни програми од Cambridge International Examinations по предметите математика, биологија, физика и хемија.
Според МОН, во гимназиско образование во природно – математичко подрачје, акцентот ќе биде ставен на зајакнато изучување на математика во комбинација А по 5 часа неделно, секоја учебна година и природни науки (биологија, хемија и физика) во комбинација Б по 3 часа неделно (прва и втора година) и по 4 часа неделно (трета и четврта година).
„При пријавувањето за гимназиско образование потребно е учениците уште при самиот упис да се определат согласно своите афинитети, за соодветното подрачје и комбинација (А или Б) што ќе ја изучуваат во текот на нивното образование. Од оваа учебна година настава по нови реформирани наставни планови и програми во двегодишно и тригодишното стручно образование ќе се реализира во сите средни стручни училишта во сите струки и образовни профили“, велат од МОН.
Министерството за образование и наука врз основа на податоците со кои располага, утврдило дека бројот на паралелки за гимназиско образование, економско – правна струка и медицинска струка ќе се движат во рамките на бројот на паралелки како и во минатиот Конкурс за запишување ученици.
Бројот на поени за запишување во средно училиште остана ист за сите и тоа: за гимназиско образование 60 поени, за здравствена струка 70 поени, за економско, правна и трговска струка 60 поени, за сообраќајна струка (за образовниот профил техничар за патен сообраќај 55 поени и за образовниот профил техничар за транспорт и шпедиција 60 поени) и за образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги 60 поени, за електротехничка струка и тоа: за електротехничар за компјутерска техника и автоматика 55 поени, за електротехничар за електроника и телекомуникации 50 поени, а за останатите образовни профили 45 поени. За образовните профили во двегодишно и тригодишно траење бројот на поени за запишување изнесува 30 поени за сите профили.
Училиштата за второто пријавување во јунскиот уписен рок и за пријавувањето во августовскиот уписен рок, ќе можат да го намалат утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот, за најмногу 5 поени во споредба со второто пријавување во првиот уписен рок (односно најмногу до 10 поени за двата уписни рока), освен за гимназиско образование, економско – правна и трговска струка и здравствена струка.
„Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 28 и 29 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 30 јуни 2017 година.
Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 3 јули, а резултатите ќе се објават на 4 јули 2017 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.
Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 5 јули 2017 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 6 јули 2017 година.
Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок се врши на 24 август 2017 година, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 25 август 2017година.
Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс продолжуваат со запишување на учениците до 31 август 2017 година.
Пријавувањето за програмата Меѓународна матура во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ се врши oд 8 до 18 мај 2017 година“, информираат од МОН.