Конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2015/2016 година

Министерството за образование и наука објави конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2015/2016 година во Република Македонија.

Со конкурсот за запишување ученици во средното образование во учебната 2015/2016 година е утврдена можноста за запишување ученици според наставните планови и програми за: гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Запишувањето на учениците во јавните средни училишта (во натамошниот текст: училишта) во учебната 2015/2016 година ќе се врши под услови и на начин утврдени со Законот за средното образование, Законот за стручно образование и обука и со овој Конкурс.

МОН соопшти дека бесплатен превоз или сместување на учениците кои ќе се запишат во прва година во јавните средни училишта, нема да биде обезбеден ако избраниот вид на образование (струка) го има во општината, односно регионот.

Условите за запишување на учениците се да имаат завршено основно образование, да не се постари од 17 години, да се определиле за план и програма за еден од следните видови образование:
а) гимназиско образование;
б) стручно образование и обука;
в) средно уметничко образование;
г) средно образование за ученици со посебни образовни потреби;

Во средното уметничко образование може да се запишат и надарени ученици со незавршено основно образование по претходна писмена согласност од Министерството за образование и наука, со обврска паралелно да се здобијат со основно образование. Во средното образование за ученици со посебни образовни потреби се вклучуваат ученици според видот и степенот на пречките во развојот.

Во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје ќе се запишат 20 ученици во трета година во програмата – Меѓународна матура.

Истурени паралелки во состав на јавните средни училишта има во: Општинско средно училиште „Ацо Русковски” – Берово во Пехчево, Центар за средно насочено образование „Здравко Чочковски” – Дебар во Могорче, Државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец” – Тетово во Струга, Средно училиште на Град Скопје „Владо Тасевски” во Средно училиште на Град Скопје „8-ми Септември”, Државно средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски” – Скопје во Средно општинско училиште „Кузман Шапкарев” – Битола.

Истурени паралелки во состав на средното училиште на Град Скопје во Шуто Оризари има во: Средно медицинско училиште на Град Скопје „Д-р Панче Караѓозов” за образовниот профил медицинска сестра во здравствена струка, Средно градежно гимназиско училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски” за образовниот профил градежен техничар во градежно – геодетска струка, Средно училиште на Град Скопје „Лазар Танев” за образовниот профил келнер во угостителско-туристичка струка, Средно економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков” за образовниот профил економски техничар во економско – правна и трговска струка и Средно училиште на Град Скопје „Димитар Влахов” за образовниот профил фризер во струката лични услуги.

Паралелки во кои се реализира билингвална настава има во: Средно училиште на Град Скопје Гимназија „Орце Николов” (една билингвална паралелка македонско – француска и три билингвални паралелки македонско – англиски), Средно училиште на Град Скопје Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин” (една билингвална паралелка (македонско – француска), Средно општинско училиште „Св. Кирил и Методиј” – Неготино (една билингвална паралелка македонско – француска), Средно општинско училиште Гимназија „Кирил Пејчиновиќ” – Тетово (една билингвална паралелка македонско – француска и една билингвална паралелка албанско – француска), Средно општинско училиште Гимназија „Гоце Делчев”- Куманово (една билингвална паралелка македонско – француска), Средно училиште на Град Скопје „Лазар Танев” (една билингвална паралелка македонско – француска), Средно општинско училиште „Гостивар”– Гостивар (една билингвална паралелка македонско – англиски и една билингвална паралелка албанско – англиски) и Средно училиште на Град Скопје Гимназија „Панче Арсoвски” (една билингвална паралелка македонско – англиски).

Паралелки во кои се изучува германски јазик со шест часа неделен фонд има во Средно училиште на Град Скопје Гимназија „Јосип Броз Тито”, Средно училиште на Град Скопје „Георги Димитров” и во Средно училиште на Град Скопје „Браќа Миладиновци”.

Експериментална програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис ќе се реализира во Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо “ во Скопје.

Експериментална програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенес ќе се реализира во јавните средни училишта:
– СОУ „Кузман Шапкарев” – Битола, фудбал, ракомет и тенис;
– СОУ Гимназија „Кочо Рацин” – Велес, фудбал и ракомет;
– СОУ „Гостивар” – Гостивар, фудбал и ракомет;
– СОЗШУ „Ѓорче Петров“ – Кавадарци, кошарка;
– ОУТУ „Ванчо Питошевски” – Охрид, фудбал, ракомет и кошарка;
– СОУ Гимназија „Мирче Ацев” – Прилеп, фудбал и ракомет;
– СОУ „Никола Карев” – Струмица, фудбал и кошарка;
– СОСУ„Моша Пијаде“ – Тетово, фудбал;
– СОУ „Коле Нехтенин” – Штип, фудбал.

Учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно средно училиште ако имаат до 10% помалку поени од бројот на поените предвидени согласно Конкурсот за соодветните наставни планови и програми и ако ги задоволуваат дополнителните критериуми за испит на знаење и вештини во соодветното училиште.

При пријавувањето, учениците треба да ги поднесат следните документи:
– пријава за запишување (пријавата за запишување ученикот ја подигнува од училиштето во кое ученикот сака да се запише и истата е бесплатна);
– оригинални свидетелства од VI до IX одделение;
– извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).

За програмата за Меѓународна матура во Средното училиште на Град Скопје Гимназија “Јосип Броз Тито”, роковите за запишување, потребните документи и сите други потребни информации ќе бидат објавени на огласната табла на училиштето.

За експерименталната програма потребните документи и сите други потребни информации ќе бидат објавени на огласната табла на училиштата во кои ќе се реализира екперименталната програма.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока, јунски и августовски, со две пријавувања во јунскиот и едно пријавување во августовскиот рок.

Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 22 и 23 јуни 2015 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 24 јуни 2015 година.

Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 25 јуни 2015 година, а резултатите ќе се објават на 26 јуни 2015 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 29 и 30 јуни 2015 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 1 јули 2015 година.

Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок се врши на 24 август 2015 година, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 25 август 2015 година.

Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс продолжуваат со запишување на учениците до 27 август 2015 година.

Пријавувањето за програмата Меѓународна матура во Гимназијата “Јосип Броз Тито” се врши од 14 до 22 мај 2015 година.

Критериуми за избор на учениците се:
− среден успех на ученикот од VI до IX одделение;
− среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката);
− дипломи од освоени (I, II и III) места од меѓународни и републички натпревари од (мајчин јазик, странски јазик и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје);
− средна вредност од поени добиени за поведение.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици од планираниот број со еднаков број поени, ќе се организира квалификационо тестирање од предметите значајни за струката.

Во средното уметничко образование (музичко, балетско и ликовно) и спортската гимназија, училиштата утврдуваат дополнителни критериуми.

Јавните средни училишта интерните огласи ги објавуваат на јавно место во училиштето најдоцна до 24 април 2015 година, во рамките на вкупниот број на ученици и паралелки утврдени со овој Конкурс.

Сите информации за конкурсот се достапни на овој линк.