Конкурс за упис на ученици во јавните средни училишта и ученички домови

Министерството за образование и наука ги распиша конкурсите за упис на учениците во јавните средни училишта и ученички домови.

Па така, со Конкурсот за запишување ученици во средното образование во учебната 2022/2023 година, учениците може да бираат да се запишат на некоја од програмите за: гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Условите за запишување на учениците во прва година се да имаат завршено основно образование, да не се постари од 17 години, да се определиле за план и програма и да ги исполнуваат критериумите утврдени со овој Конкурс.

За учениците кои се пријавуваат за упис во Спортската академија покрај горенаведените критериуми за избор, се вреднуваат и способностите за спортски вештини согласно Законот за Спортска академија.

За учениците кои се пријавуваат за упис во Математичко – информатичката гимназија покрај горенаведените критериуми за избор, се вреднуваат и освоените поени од приемниот испит по математика и физика согласно Законот за математичко-информатичка гимназија.

Во средното уметничко образование може да се запишат и надарени ученици со незавршено основно образование по претходна писмена согласност од Министерството за образование и наука врз основа на предлог од училиштето, со обврска паралелно да се здобијат со основно образование.

Во средното образование за ученици со посебни образовни потреби се вклучуваат ученици според видот и степенот на попреченост, информираат од МОН.

Учениците од ромската етничка заедница, пак, можат да се запишат во одредено јавно средно училиште ако имаат до 10% помалку поени од бројот на поените предвидени согласно Конкурсот за соодветните наставни планови и програми и ако ги задоволуваат дополнителните критериуми за испит на знаења и вештини во соодветното училиште.

„Бесплатен превоз или сместување на учениците кои ќе се запишат во прва година во јавните средни училишта нема да биде обезбеден, ако избраниот вид образование (струка или насока) го има во општината, односно регионот“, истакнуваат од министерството.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици кои ги исполнуваат предвидените услови од планираниот број предвиден во овој конкурс, ќе се организира квалификационо тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по следните наставни предмети и тоа: за гимназиско образование – мајчин јазик и математика, за здравствена струка – биологија и хемија, додека за другите струки ќе се полага мајчин јазик и математика. Во средното уметничко образование (музичко, балетско и ликовно), спортската гимназија, училиштата ќе утврдуваат дополнителни критериуми.

Условите и потребните документи се достапни на следниот ЛИНК.

Покрај ова, за учебната 2022/2023 година во 18 јавни ученички домови низ државата учениците имаат можност да се пријават за сместување и исхрана.

Од МОН нагласуваат дека поради ковид протоколот за работа, во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50% ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците кои имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава.

„Доколку во текот на учебната година се надмине пандемијата и ќе се створат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици кои стекнале право на сместување со Конкурсот. Првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на Република Северна Македонија“, информираат од МОН.

Право на прием во јавните ученички домови имаат ученици кои се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2022/2023 година, ако се државјани на Република Северна Македонија, треба да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината/регионот односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење, како и училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз. Покрај ова, услов е и училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

За начинот на пријавување, потребните документи и рокови прочитајте на следниот ЛИНК.