Министерството за образование и наука за учебната 2014-2015 година, доделува 745 стипендии за учениците кои учат во јавните и приватните училишта.
Стипендиите се поделени во 6 категории и тоа 400 стипендии за социјална поддршка на учениците; 80 стипендии за ученици со статус на деца без родители; 50 стипендии за ученици со посебни потреби; 150 стипендии за талентирани ученици – спортисти; 50 стипендии за талентирани ученици, од кои 45 се за учениците од јавните училишта, а 5 за учениците кои учат во приватни училишта, и 15 стипендии за ученици од угостителско – туристичката струка.
Правото да добијат стипендија имаат редовните ученици во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија. Условите се да не повторувале ниту една година во текот на школувањето, да не користат стипендија од друга институција или фирма и да се државјани на Македонија. Покрај овие општи услови, во секоја категорија има и посебни услови што кандидатот треба да ги исполни.
По 2.700 денари месечно стипендија ќе добиваат учениците спортски таленти и талентираните ученици. 2.500 денари изнесува стипендијата за децата без родители и за учениците со посебни потреби, а по 2.000 денари стипендијата за социјалните категории и за угостителско- туристичката струка. Стипендиите се доделуваат во текот на девет месеци во годината.
Учениците кои ќе конкурираат за стипендија за социјална поддршка, во текот на школувањето мора да имаат успех поголем од 4,00. Исто така, во предвид ќе се земе и материјалната состојба на потесното семејство на кандидатот, како и евентуално добиените награди од на државни или меѓународни натпревари.
Критериум за стипендија за ученици со статус деца без родители, е ученикот да има континуиран успех повисок од 3,50, како и да приложи потврда од надлежен Центар за социјални грижи, потврда од домот каде што е згрижен или друга соодветна документација со која ќе докажат дека се деца без родители.
3,00 треба да биде просечниот успех за доделување стипендија за категоријата ученици со посебни потреби.
Кандидатите – талентирани спортисти треба да имаат просечен успех од најмалку 4,00. Исто така при бодувањето ќе се земат во предвид и освоените награди на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот.
Одличен 5,00 треба да биде успехот кој во текот на образованието го постигнале кандидатите кои ќе аплицираат за стипендии за талентирани ученици. И овие ученици треба да имаат освоено награди во поединечна категорија на државни или меѓународни натпревари.
Просечен успех од 3,50 е услов за добивање стипендија за учениците од угостителско – туристичка струка. Исто така тие треба да имаат освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на угостителството или туризмот.
Рокот за аплицирање е од 7-21 ноември, а резултатите ќе бидат објавени на порталот за стипендии на 29 ноември.