Конкурс за стипендии во Светските Обединети Колеџи

Конкурс за стипендии во СОК за генерацијата 2014-2016Македонскиот Национален Комитет објавува конкурс за делумни и целосни стипендии за Светските Обединети Колеџи.

Конкурсот е отворен за ученици од втора година средно училиште, а кои имаат просечен успех повисок од 4.5,  живееле на територијата на Македонија барем 5 години и имаат основни познавања на англискиот јазик. Избраните кандидати треба да бидат работливи, мотивирани и амбициозни, со висок интегритет кон мир и слога меѓу народите, како и со желба да ја претстават Македонија на светското тло.

Светските Обединети Колеџи се единствената меѓународна организација, којашто образува ученици од речиси сите земји на светот, внимателно избрани преку нивните Национални комитети. Основни начела при избор на кандидатите се пред сè нивниот академски успех, личен потенцијал и персоналните вредности. На тој начин се разгледува целокупниот кредибилитет на ученикот и неговата амбиција за лична надградба и секако применување на стекнати знаења и достигнувања во идното современо светско глобално општество.

Избраните кандидати потекнуваат од сите делови на земјината топка без разлика на нивната расна или верска припадност и финансиска состојба. Овие ученици живеат и учат заедно 2 години во еден од 12-те колеџи стационирани низ целиот свет. Учениците ја следат најпрестижната подготвителна програма за понатамошни додипломски студии, т.н. меѓународна матура, или во светот попозната како International Baccalaureate (IB). Светските Обединети Колеџи овозможуваат образование што ги обединува луѓето, нациите и културите, сè со цел за остварување на мир, соживот и одржлив развој на целокупната светска популација.

Рокот за пријавување е до 25 март 2014, а сите заинтересирани можат да ги најдат апликацијата и другите информации на веб – страницата на Македонскиот Национален Комитет: www.uwcmk.com.

Од Националниот комитет ги ограбруваат за пријавување и кандидатите кои не ги исполнуваат сите критериуми.