Конкурс за образовни медијатори Роми во 16 македонски општини

Министерството за образование и наука објави конкурс за привремено ангажирање на 20 образовни медијатори Роми во 16 општини во Република Македонија за учебната 2017/2018 година.

Право да аплицираат на Конкурсот за образовни медијатори имаат невработени лица од ромската етничка заедница од следните општини: Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир/Центар, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево и Берово.

Според критериумите во конкурсот, медијаторите ќе биде потребно да имаат најмалку четиригодишно средно образование, развиени комуникациски и компјутерски вештини, искуство од работа на терен со ромската заедница, препознатливост во заедницата во која ќе работи и одлично познавање на македонскиот јазик.

За ангажманот на ромските образовни медијатори хонорарот месечно ќе изнесува 12,500 денари бруто за ангажман од седум месеци во текот на 2018 година.

Улогата на образовниот медијатор е да помогне при вклучувањето на ромските деца во основното образование, да помогне при континуитетот и задржувањето на учениците Роми во образовниот процес и да ја олесни комуникацијата меѓу училиштето, родителите и заедницата за успешно да го завршат основното образование.

Целосниот конкурс, со информации за потребните документи за аплицирање се достапни на следниов ЛИНК.