Конкурс за настап на млади бендови и артисти на „Каменичко културно лето“

Манифестацијата „Каменичко Културно Лето“ распиша Конкурс за млади и талентирани бендови и артисти (поп, рок, метал, хип хоп…) за настап на овогодинешното издание, во насока на поддршка на македонската музика.

Како што најавуваат организаторите, на конкурсот може да аплицираат сите заинтересирани бендови и артисти, со испраќање аудио или видео материјали од нивни настапи, на адресата kic.romansa@yahoo.com или на официјалните Фејсбук фан страни на Каменичко Културно Лето и КИЦ „Романса“, Македонска Каменица.

Конкурсот ќе трае до 1 јули 2015 година при што жири комисија ќе ги избира најдобрите пет бендови или артисти кои ќе настапат на „Каменичко Културно Лето 2015“. За најдобрите, организаторот  најави дека ќе биде обезбеден пристоен паричен надомест и висококвалитетен видео запис од нивниот настап на манифестацијата.

„Каменичко културно лето“ ќе се одржува од 24 до 29 август во Македонска Каменица.