Конкурс за најдобра планинска фотографија на ЕХО 2020

Овогодинешниот фото-конкурс на фестивалот ЕХО го посветува на македонските планини.

„Во овие чудни, ковид времиња-невремиња, ако имаше барем нешто позитивно, тоа би било тоа што поради разно-разните забрани и отежнувања околу патувањето надвор од нашата држава, можевме малку повеќе да и’ се посветиме на Нејзе. И знаеме – ја истражувавте повеќе, и’ се радувавте повеќе, ја сакавте повеќе…“, велат организаторите на фестивалот.

Тие ги повикаа граѓаните да пријават свои фотографии и да споделат искуство од посета на планина.

Конкурсот трае до 30-ти септември. На фотографиите може да се прикажат најразлични теми: планински спортови и рекреација, пејзажи, планинска флора и фауна, живот во планина, изгрејсонца, зајдисонца, насмевки…

Конкурсот е отворен само за жители на Република Македонија. Eден автор може да конкурира со најмногу 2 фотографии и својата апликација треба да ја достави преку официјалниот е-маил на Ехо за таа намена: fotokonkurs@ehofilmfest

Покрај фотографијата, во мејлот јасно треба да биде напишано името и презимето на авторот, насловот на фотографијата, а по желба на авторот и краток опис за фотографијата/фотографиите со кои аплицира, но и линк до негово портфолио, веб-сајт и/или друг социјален медиум, кои би послужиле за подобро запознавање на публиката на ЕХО со неговата фотографија и други дела.

Големината на фајлот да не е поголема од 20Мb. Фотографиите не смеат да бидат помали од 1600 пиксели во ширина ако се хоризонтални или 1600 пиксели во висина ако се вертикални и не смеат да содржат никакви жигови и логоа.

Сите пристигнати фотографии, ќе бидат објавувани во заеднички албум на Фејсбук профилот на фестивалот.

На 5ти октомври, 3-члено жири ќе ги објави 10-те најдобри фотографии, земајќи ги во предвид следните критериуми: креативност, квалитет на фотографија и композиција. Во текот на последниот ден, кога ќе биде организирана церемонијата за прогласување на победници на филмови на овогодинешното ЕХО, ќе бидат прогласени и трите победнички фотографии, а авторите ќе бидат наградени со: опрема за планинарење од продавницата Outdoor.mk и досегашните публикации на Фестивалот.

„Ќе бидат земени во предвид само фотографии кои претходно не учествувале на други конкурси и кои не биле изложувани и за кои авторот ги поседува сите права. Авторот, со својата апликација, му дава право на Фестивалот за планински филмови „ЕХО“, бесплатно да располага со неговите фотографии и да ги користи за објавување на Фејсбук профилот, сајтот на Фестивалот и други социјални медиуми, за објавување во книги и списанија во издание на Фестивалот, огласи за нови конкурси и разни други свои маркетинг цели“, стои во забелешката на организаторите.

Фестивалот годинава ќе се одржува од 5 до 9 октомври. Оттаму информираат дека од месецов, ЕХО е  член и на Меѓународната алијанса за планински филм.

„На прифаќањето на нашиот фестивал за член во Меѓународната алијанса за планински филм, гледаме на чин на сериозно вреднување на нашата работа за нашата публика низ годините, со проекции на скоро 400 филмови, организација на повеќе од 50 презентации, издавање на книги и организација на разни други едукативни содржини на тема планини и обработка на широк спектар на теми кои го претставуваат соживотот на човекот со нив. Но секако и на чин – кој дополнително не’ обврзува на уште посилна работа“, велат од фестивалот.