Конкурс за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ – отворен до 15 јануари

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ годинава повторно ќе ја додели наградата за „Роман на годината“. Оттаму информираат дека конкурсот за наградата трае до 15 јануари и додаваат дека право на учество имаат романите кои за прв пат се објавени на македонски јазик во 2020 година.

„Кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот, што не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. ‘Димитрие Чуповски’ бр. 23/1-1) или по пошта, на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје). Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2021 година“, стои во соопштението на Фондацијата.

Истовремено, тие посочуваат дека е пожелно и доставување на романите во електронска верзија на адресата romannagodinata@gmail.com.

Наградата „Роман на годината“ се состои од статуетка, плакета и паризен износ од 150.000 денари. Петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе одлуката за добитникот на наградата најдоцна до 15 март 2021 година, додека следниот работен ден, да ја објави и на прес-конференција, се посочува во соопштението на Фондацијата.

„Наградата ‘Роман на годината’ која беше заштитен знак на згаснатиот ‘Утрински весник’, ќе биде доделена по 22 пат. ‘Песот со тажен поглед’ на писателката Оливера Николова е лауреатот на ‘Роман на годината’ за 2019 година, а Николова е и првата од досегашните добитници која оваа награда ја доби по вторпат, по наградата за романот ‘Куклите на Росица’ објавен во 2004 година“, се додава во нивното соопштение.