Конкурс за наградата „Даница Ручигај“ и книжевно пладне во чест на македонската поетеса

Друштвото на писателите на Македонија го распиша конкурсот за наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга. Во конкуренција за ова признание ќе влезат книгите на поетесите, членки на ДПМ, објавени од мај 2014 до мај идната година.  Наградата ќе се доделува на 5 мај, роденденот на поетесата Даница Ручигај.

Конкурс за наградата „Даница Ручигај“ и книжевно пладне во чест на познатата македонска поетеса

Неодамна ДПМ формира Клуб на писателките што го носи името на познатата македонска поетеса Даница Ручигај. Одлуката за формирање на Клубот е донесена по повод 80-годишнината од раѓањето на Даница Ручигај која животот трагично го заврши во скопскиот земјотрес, на 29 годишна возраст. Со работата на клубот се овозможува поголема вклученост на писателките во програмските активности на ДПМ и поширока презентација на нивното творештво пред љубителите на пишаниот збор.

Утре пак со почеток во 12 часот во библиотеката „Страшо Пинџур“ во Скопје ќе се одржи книжевно пладне посветено на првата македонска поетеса Даница Ручигај којашто и припаѓа на третата генерација македонски поети кои во шеесеттите години на минатиот век внесоа силен, свеж бран во современата македонска поезија. Ручигај иако зад себе остави само две стихозбирки, претставува автор со историско значење за современата македонска книжевност – автор којшто има дадено свој автентичен придонес во нејзиното осовременување и модернизирање.

Својата дебитантска стихозбирка „Сребрени ноќни игри“ во којашто доминираат љубивните мотиви, Ручигај ја објави во 1960 година и со неа промовира специфично, модерно структурирање на поетскиот израз, а по тој повод, Петре М. Андреевски има забележано: „На видело е веќе збирка поезија на автор-жена, за што се чувствуваше скудност во нашиот поетски именик“.

Стихозбирката „Заробеници на ветрот“ во којашто ветрот е метафора за заканата и непредвидливоста на судбината, објавена е во 1963 година, по загинувњето на поетесата.