Конкурс за меѓународниот фестивал на краток филм „ФИЛМАЈ 2020“

Фото-кино клуб „Козјак“ – Куманово известува дека конкурсот за Вториот меѓународен фестивал на кратoк филм „ФИЛМАЈ 2020“ ќе трае до 5 април 2020.

Пријавувањето на конкурсот важи за кратки филмови (играни или документарни) со траење до 20 минути.

„Потребно е да се завршени по 1 јануари 2013 година, да имаат задоволителен аудио и видео квалитет, како и најавна/одјавна шпица со продукциски податоци, и да содржат титл на англиски јазик“, велат од „Козјак“.

Пријавувањето е преку платформата FilmFreeway.

На конкурсот ќе се доделат три награди – „Лазар Ѓорѓевиќ” за најдобра режија, награда „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија/кинематографија и награда за најдобра приказна/сценарио.

Организаторите соопштуваат дека добитниците ќе бидат објавени на 5 мај 2020 година.

„Фестивалските проекции на филмовите беше планирано да се одвијат на крај на месец мај во проекциска сала во Куманово. Согласно тековните услови и важечки препораки за јавно здравје, фестивалот најверојатно првично ќе се прикаже онлајн преку интернет видео платформа. Физичката фестивалска манифестација (со присуство на публика во сала) се планира за одигрување во прилики кога ќе биде безбедносно и здравствено целосно прифатливо, во некои претстојни идни безгрижни денови“, стои во објавата за конкурсот.

Овогодишното жири е во трочлен состав: Ана Јакимска (филмски режисер и сценарист), Златко Ѓелески (писател и културен критичар), и Глигор Максимовски (фотограф и член на фото-кино клуб „Козјак“ – Куманово).

Идеи од кои се води фестивалот, односно ФИЛМАЈ смета дека било што може да е дел од филмската приказна, без оглед колку однадвор или настрана е од видливата и чујна содржина на филмскиот кадар.

„ФИЛМАЈ се начнува како меѓународен филмски фестивал, воден од идејата дека големи промени се постигаат преку низ од мали чекори. ФИЛМАЈ има намера да поттикне неконформистичко размислување со идеи кои потекнуваат од надвор-од-кутијата“, соопштуваат организаторите.