Конкурс за годишната ликовна награда „Ладислав Баришиќ“

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во Македонија. Конкурсот ќе биде отворен утре и ќе трае 30 дена.

Конкурс за годишната ликовна награда „Ладислав Баришиќ“

Можат да учествуваат историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија, освен членовите на Управниот одбор на АИКА Македонија. Кандидатите треба да се граѓани на Република Македонија или странски државјани кои живеат и работат на територијата на нашата држава повеќе од една година.

Кандидатите треба да достават опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1.500 збора) и CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето). Материјалите треба да се испратат на адресата contact@aica-macedonia.org.mk.

Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 20 јуни 2014 година. Наградата е 30 илјади денари и за неа ќе одлучува тричлено стручно жири. Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на октомври 2014 година, пред годишниот симпозиум на АИКА Македонија каде наградената реализација ќе биде претставена. Истражувањето ќе биде преведено на англиски јазик и ќе биде објавено на веб порталот на АИКА Македонија.

Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамки на ликовната публицистика беше активен од 1972 до 1986. АИКА Македонија е невладино граѓанско здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат во современата и модерната уметност.