Конкурс за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ во 2019 година

Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза” распишува конкурс за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ во 2019 година.

Со наградата се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава. Таа, под условите определени во Конкурсов, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ. На секој член од наградена група творци или екипа му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза” изнесува околу 2 000 евра.

Иницијатива за доделување на државната награда „Мајка Тереза” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

Подносителите на иницијативата за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци за кои се смета дека ќе придонесат во оценувањето, како и соодветна документација со која би се потврдиле податоците.

Подносителот на иницијативата мора да ги наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон.

Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во еден (1)  примерок.

Иницијативите треба да се достават на следнава адреса: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза”, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје, Република Северна Македонија.

Конкурсот ќе трае од  1 до 30 април 2019 годинa.

Некомплетните иницијативи и иницијативите и прилозите (трудови, книги, публикации и сл.) доставени по утврдениот рок за прием во Конкурсов нема да бидат разгледувани.