Конкурс за биофотографија на тема „Од почеток“

Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ) го објави традиционалниот конкурс за биофотографија на тема „Од почеток“.

Biofotografija

Конкурсот е тематски, а како главен мотив на фотографиите се очекува да биде цвет, цвеќиња и соцветја. На конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани кои имаат желба да се зaнимаваат со фотографија односно биофотографија.

Притоа, на секоја испратена фотографија мора да стои воден печат со името или симболот на авторот кој на овој конкурс може да учествува со најмногу две фотографии кои досега не биле објавени.

Субјектот или појавата во фотографијата треба да се фотографирани во природна (органска) состојба, додека сценирани и фотографии со вештачка сценографија нема да влезат во изборот.

Оценувањето ќе се врши преку лајкови на FB-страната како и со гласовите од Претседателството на Друштвото. За најдобрите фотографии ќе има и соодветни награди.

Конкурсот кој се отвора утре, ќе трае до 20 април 2014 година, а сите пријавени фотографии ќе бидат поставени на Facebook страната на Друштвото. Фотографиите се пријавуваат на е-мејлот biofotokonkurs@gmail.com.

„Животот како циклус, започнува, трае и завршува. Пролетта како вечна инспирација за нов почеток. Со секој нов цвет околу нас го славиме животот, новиот почеток, новата сезона. Цветот како симбол на животот“, се наведува во повикот за конкурсот на Истражувачкото друштво на студенти биолози.