Отворен е конкурсот за доделување 20 целосни стипендии за македонски државјани кои ќе одлучат да се запишат на додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик во академската 2015/2016 година, на некој од светските универзитети на кои има катедри за отомански студии, информира Министерството за образование и наука.
Стипендиите подразбираат покривање на трошоците за уписнина, месечен паричен надоместок и трошоците за авионски билет, а како што појаснуваат од МОН, се иницирани од потребата на Македонија за стручен кадар кој ќе работи на превод и толкување на голем број стари документи и ретки ракописи кои ги има во македонските, но и странските достапни архиви, во библиотеките, како и во имотните книги, а се напишани на старотурски јазик.
Кандидатите за стипендирање на додипломските студии за изучување на старотурскиот јазик треба да имаат завршено четиригодишно средно образование, да се примени на додипломски студии од прв циклус, за прв пат во прва година во академската 2015/2016 година на некој од универзитетите каде овој јазик се изучува и да не се корисници на стипендија од други даватели.
Кандидатите за стипендирање на постдипломски студии, потребно е да имаат диплома за завршен прв циклус на студии во траење од три, односно четири години во земјата или странство, за што, за странска диплома е потребен документ за нострификација. Тие исто така треба да се примени на академски студии од втор циклус, прв пат во прва година во академската 2015/2016 година на некој од универзитетите каде овој јазик се изучува и да не се корисници на стипендија од други даватели. Предност во добивањето стипендија имаат кандидатите коишто студирале на некоја од студиските програми по историја.
Сите подетални информации за потребните документи, условите и критериумите за аплицирање се наведени во конкурсот, кој е објавен на специјализираниот интернет портал за доделување стипендии на Министерството за образование и наука, www.stipendii.mon.gov.mk.
Крајниот рок за аплицирање, односно доставување на потребната документација до Министерството за образование и наука, на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од прв или втор циклус во странство) е 31 август 2015 година.
По однос на апликациите ќе одлучува посебна Комисија формирана за оваа намена, при што, за донесената одлука кандидатите ќе бидат известени најдоцна 15 дена по завршување на конкурсот.
Кандидатите коишто ќе добијат стипендија за додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик, ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука, со кој се обврзуваат да работат најмалку 10 години во Република Македонија по завршување на студиите, за што државата им гарантира соодветно работно место во Државниот Архив на Република Македонија, Институтот за национална историја, Македонската академија на науки и уметности или друга соодветна институција.