Конкурс „Патуваме во Европа“ за 12 македонски студенти

Преку проектот „Патуваме во Европа“, 12 студенти од Македонија ќе добијат уникатна можност да ја истражуваат Европа и да ја промовираат својата земја. Конкурсот е отворен за студенти кои имаат желба за патување, нови авантури и нови познанства.

Студентите кои сакаат да бидат дел од тимот кој 22 дена ќе патува низ Европа можат да ги поднесат своите апликации до 30 јуни. Конкурсот е отворен за сите студенти во завршна година на студирање или апсолвенти, кои имаат просечна оценка поголема од 8,0 во текот на студирањето.

Од реализаторот на проектот, Граѓанската асоцијација МОСТ, со помош на донаторите и спонзорите, обезбедени се Inter Rail карта за неограничено патување со воз, ISIC картичка, патничко осигурување и дел од средствата кои ќе им бидат потребни за патувањето, на платежна картичка.

Дополнително, за сите студенти кои ќе патуваат, донаторот Robert Bosch Stiftung организира фестивал во Берлин, на 29 и 30 јули, после кој секој студент самостојно ќе го продолжи своето Европско патешествие.

Конкурсот за пријавување на студенти е отворен до 30 јуни, а патувањето ќе започне на 28 јули. Аплицирањето е електронски, а формуларите и сите информации за проектот се достапни на интернет страната на проектот www.patvoevropa.org.mk.

Целта на овој проект е 12 студенти од Македонија, преку патување и посети, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија.

„Патуваме во Европа” последните осум години е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово.