Наградата „Антево перо“ за 2018 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).
На Конкурсот можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат.
Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана. Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува петчлена Комисија, во состав: Венко Андоновски (професор и писател), Кристина Николовска (професор и писател), Митко Гогов (писател), д-р Атина Цветаноска, (книжевен истражувач) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски).
Кандидатите треба своите ракописи да ги достават во електронска форма, во pdf формат на електронската адреса antevopero@gmail.com, најдоцна до 31 август 2018 година.
Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите.
Кандидатите не мора да го чекаат последниот рок, затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат.
Комисијата својата одлука ќе ја соопшти за време на манифестацијата на 28 и 29 септември 2018 година.
Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ ќе се одржи на 28 и 29 септември 2018 година, во Скопје и Лазарополе.