[Конференција] Реформи во воспитно-образовниот систем

Дали воспитно-образовниот систем во Македонија може да се соочи со предизвиците на современиот свет, дали професиите добро се планираат, дали училиштата и факултетите се компатиблни со европските образовни системи и дали правилно располагаме со човечките ресурси – се некои од прашањата кои беа отворени на научната конференција „Реформите во воспитно-образовниот систем во Република Македонија“.

[Конференција] Реформи во воспитно-образовниот систем

Ja организираше Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во пресрет на 24 Мај – Денот на просветителите Кирил и Методиј и патронатот на Скопскиот универзитет, пренесе МИА.

Раководителката на Институтот за педагогија, проф. д-р Анета Баракоска, истакна дека денешните педагози имаат задача да се соочат со многу предизвици и да најдат одговори на прашања за начинот на кој треба да се спроведуваат реформите во воспитно-образовната практика. Промените во образованието, рече таа, станаа приоритетна општествена задача зашто знаењето е пресуден фактор за општиот економски развој.

– Еден автор во едно дело вели дека конкурентската моќ на една држава не започнува ниту во фабриката, ниту во лабораторијата, туку во училишните клупи, рече Баракоска.

Конференцијата ја поздрави ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски, кој посочи дека реформите секогаш треба да ја следат јасната визија и тие мора да бидат во интеракција и корелација со реформи во другите системи, како науката, културата, индустријата и технолошкиот развој, а сето тоа да биде дел од поширок контекст – европскиот образовен простор.

– Ова не е едноставно, од аспект на тоа што Болоњскиот систем на студирање во високото образование ги покажа своите предности и недостатоци. А кога зборуваме за него, мора да бидеме искрени, дека за голем дел од промените кои не се покажаа позитивни, виновни сме и самите ние, вулгаризирајќи ги болоњските реформи и сфаќајќи ги и прифаќајќи ги премногу ограничено и според сопствените убедувања и перцепции на оваа европска реформа, рече ректорот на УКИМ.

Проф. д-р Сузана Миовска-Спасева од Институтот за педагогија смета дека глобалните реформски трендови треба да се следат, но не да се пресликуваат и присвојуваат во готова форма и со голо трансплантирање, туку добрите образовни практики да се прилагодат во домашен контекст. Во реформата деветгодишно образование, според неа, главен недостаток е што таа е преземена без доволна подготвеност, иако била позитивно искуство во земјата од која е преземена (Словенија).

– Ги доведовме децата во ситуација да работат во услови кои можеби не се најсоодветни за нивната возраст. Расчекорот е во смисла што направивме редистрибуција на наставниот кадар – ги воведовме воспитувачите да работат со предучилишни деца, а притоа не го решивме нивниот статус – на кого припаѓаат. Има еден куп работи коишто можеа да бидат направени подобро и се надевам во наредните години тоа ќе се подобри и ќе имаме подобро деветгодишно реформирано основно образоване отколку кога го почнавме, изјави Миовска-Спасева, пренесува МИА.