Моментално се забележува менување на (Балканската н.з.) мигрантска рута, со зголемен број бегалци и мигранти во Босна и Херцеговина. Она што моментално се случува се појави на пристигнување бегалци од Србија кон Босна и Херцеговина, каде воопшто нема капацитети за нивно згрижување, рече денес Петер Ван дер Оверарт, координатор на Меѓународната организација за бегалци при ОН, кој во Охрид учествуваше на Конференција за мигранти и бегалци „Одговорности и одговори“, пренесува МИА.
Според Ван дер Оверарт, лицата во БиХ пристигнуваат од камповите во Србија, потоа преку Албанија и Црна Гора, а дел од нив го користат и безвизниот режим вопоставен меѓу Србија и Иран.
„Она што е особено карактеристично е што тие лица патот кон ЕУ моментално го наоѓаат преку илегално префрлање преку Хрватска, Словенија кон Италија, а не како досега кон Австрија“, изјави Ван дер Оверарт.
Тој забележа дека самите бегалци не се проблематични, со оглед на фактот што нив воопшто регионот не им е интересен како крајна дестинација, туку само како транзитна зона на патот кон Западна Европа.
На Конференцијата во организација на ИОМ, посочено беше дека нема индиции, односно во моментов не постои ризик од активирање на т.н. Балканска мигрантска рута. Сценарио за повторување на ситуацијата од 2015 година засега е исклучено.