Во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје на 20 и 21 мај ќе се одржи конференцијата „На работ на климатска катастрофа: Уметност, култура, екологија и креирање политики во 21 век“.
Организаторите велат дека конференцијата е замислена како платформа на која разни теоретичари, практичари, креатори на политики и уметници ќе ги споделат своите ставови за уметноста и културата, како тие се соочуваат со предизвиците на животната средина и глобалната несигурност, и ќе разгледаат и споделат можни начини за трансформирање на иднината во иднина која е добра за живеење, за човечкото и не-човечкото постоење (во екофеминистичка, постколонијална рамка на грижа, солидарност и антикапитализам).
Конференцијата се состои од предавања, дискусии, презентации на уметнички истражувања и дискурзивни програми, како и уметничка програма.
Организатори се Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Плоштад Слобода, во партнерство со Платформа Заједничко – Белград и Музеј на современа уметност – Скопје, како дел од проектот на ЕУ – АКТ: Уметност, Клима, Промена.
„Од преобразување на процесот на креирање политики до институционални иновации и користејќи ‘маргинално’ знаење, поставуваме прашања: за позицијата и потенцијалите на уметноста и културата во тие процеси, за праведна зелена транзиција и трудот на грижа како нов извор на зелени работни места, за минати и идни форми на организација и мобилизација на заедницата, за институционална имагинација и создавање институции за грижа, за можноста да се прошири образованието и раскажувањето приказни, така што ќе создава приврзаност кон живиот и неживиот свет, за слободното време, заедништвото, меѓусебна зависност, соживот и пријателство, за европскиот колонијален наратив, неговото екстрактивистичко наследство и итноста на трансформацијата“, соопштува Локомотива.
Заедно, исто така, се вели во соопштението, се спротивставуваат на „аполитичкиот дискурс за одржлив развој и исклучиво лично-политички промени како манифестација на еден поширок процес на сведување на политиката на иднината само на барање комодифицирачки технократски решенија, наместо барање алтернативни визии со интерсекциска перспектива што ги предизвикуваат доминантните структури и системи кои прават пекол на земјата“.
„Овие два дена на поврзување на широки перспективи со конкретни, локализирани можности се само почеток на разговорот и ги поставуваат темелите за понатамошно генерирање на алтернативни визии и практики што ги овозможуваат тие визии“, како што истакнаа кураторките на конференцијата, Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Драгшиќ, во нивниот текст за конференцијата.
Учесници на конференцијата се Љубица Славковиќ, Ана Мендез де Андес, Филип Стојановски, Томислав Вукоја, Зоран Ериќ, Ралука Воинеа, Ана Франговска, Ива Марковиќ, Аслихан Демирташ, Џулија Касалини, Предраг Момчиловиќ, Каролина Маркес, Василеиос Нтурос, Теодора Зумба, Криста Буране, Николина Присташ, Јована Караулиќ, Сабине Зан, Слободанка Стевческа и Милош Ковачевиќ.
Модератори се Биљана Тануровска-Ќулавковски, Ивана Драгшиќ, Ирена Цветковиќ, Здравко Савески, Маријана Цветковиќ и Виолета Качакова.
Теми на панелите: Трансформација на пристапот на креирање политики во ера на еколошка катастрофа; Институции во културата и екополитиката; Феминистички алијанси за иднината; Разговор за одраст – Нова визија за одржлива иднина; Уметнички практики и екополитички перспективи; Уметничко образование и екологија, истражувања, визии, средби…; Трансформативен модел на крофна економија за поодржливо и праведно општество.
Уметничката програма на 20 мај вклучува прикажување на филмот на BADco The Labour of Panic [Трудот на паниката] во 17:30 часот, и перформансот „Nature Unveiled or Stories about Plants and Workers” [Откриена природа или приказни за растенијата и работниците] на Владимир Бјеличиќ, од 18:15 часот до 19:15 часот.
Конференцијата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, Министерството за култура ни фондацијата Хајнрих Бол.
Програмите се на англиски јазик и ќе се одржат во Музејот на современа уметност во Скопје.