Конференција „Можности за младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“

Младинска конференција на тема „Можности за младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија во соработка со Младинската eколошка организација „Гоу Грин“ и Амбасадата на Франција Скопје, со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.

На конференцијата ќе биде промовирана публикација на таа тема, која е инспирирана од документот за зелена економија објавен од Европската комисија.

Документот ја опфаќа потребата од три милиони работни места кои треба да се отворат во секторот на обновливи извори на енергија до 2020 година. Публикацијата дава приказ за тоа како енергетската трансформација од фосилни горива до обновлива енергија создава потреба за нови генерации на млади стручни кадри кои успешно ќе го забрзаат процесот.

„Преку младинската конференција стимулираме едукација, практично искуство и вработување кај младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“, велат организаторите.

Целта на конференцијата е да се развие свест кај младите за енергетската состојба на земјите од Западен Балкан и да се разбере позицијата на младите и нивните потреби за вработување. Преку работилниците кои ќе бидат организирани, на младите им се овозможува да развијат вештини за зголемување на вработувањето и се идентификуваат начини заискористување на потенцијалот на енергетската транзиција во можности за вработување.