Во хотелот „Холидеј ин“ (Скопје) на 10-ти декември 2025 година ќе се одржи 21-вото издание на меѓународната конференција „е-Општество.мк“ на тема „Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација“.
Оваа година, како што велат од Фондацијата „Метаморфозис“, конференцијата ќе се осврне на тоа како брзиот технолошки напредок ги преобликува демократската отпорност, човековите права и општествената доверба во еден сè повеќе меѓусебно поврзан свет.
„Дигиталната трансформација носи огромен потенцијал за иновации, ефикасност и инклузивност, но исто така ги изложува ранливостите на манипулации, кибер закани, и неетичка употреба на технологијата. Обезбедувањето на интегритет како основа на оваа трансформација е клучно за градење на безбедни, транспарентни и одговорни системи што ги штитат граѓаните, а воедно овозможуваат напредок. Предизвикот лежи во постигнувањето на вистинска рамнотежа помеѓу искористувањето на придобивките од дигиталната трансформација и заштитата од ризици што ги поткопуваат стабилноста, еднаквоста и човечкото достоинство“, стои во најавата за конференцијата.



