Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави дека од 26 април секојдневно ќе излегуваат на протести доколку Владата дотогаш не ги исполни нивните барања за зголемување на бодот на 103 денари во бруто износ со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 денари и би се усогласиле останатите плати на сите во јавниот сектор.
Од Конфедерацијата велат дека ќе се протестира секој ден од 16 до 17 часот пред Собранието и пред Владата.
„Членството е крајно разочарано и се чувствува манипулирано. Решението е многу едноставно, а тоа е членот 88 од Законот за административни службеници. Покачување на бодот и проблемот ќе биде решен“, рече претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната пресконференција.
Според него со овој проблем се засегнати околу 100 илјади работници во државата.
Ралповски ги повикаа пратениците да не го гласаат Законот за административни службеници, кој денеска е на дневен ред во Собранието, за кој смета дека е потценувачки кон работниците и дека преку него ќе се зголемат платите во јавниот сектор за само околу 100 до 200 денари.
На пресконференцијата тој изјави и дека за КСС е неприфатлив предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за линеарно покачување на сите плати за по 2.600 денари.