Конески: Со изградба на нови објекти, општината добива средства за голем број проекти

Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески вели дека го засегаат новите градби и урбанизацијата предвидена со новиот ДУП за општина Аеродром, но како што нагласи во изјава за медиумите, тоа ја полнело општинската каса.

„Планот се носи во рамки на законот и во интерес на граѓаните. Со носењето на Деталните урбанистички планови, со градбата на нови објекти, влегуваат финансиски средства во општината. Со тие финансиски средства ние реализираме голем број на проекти. Градиме градинки, школи, паркови… Ако се реши да се спречи градбата, или да се донесе некоја одлука со којашто ќе се стопира градбата во сите општини во Скопје, тогаш верувајте дека општините ќе немаат економска можност да функционираат“, рече тој.

Вчера, советниците од СДСМ имаа неуспешен обид во намерата да се повлече Деталниот урбанистички план кој предвидува изградба на висококатница на просторот кај Мајчин дом. Според активистите од иницијативата „Аеродром сака да дише“, ова би преставувало еколошка катастрофа за општината.

„Според овој ДУП, на плацот кај Мајчин дом и покрај Вардар се предвидени висококатници, чија единствена намена е да ги полнат џебовите на Орце Камчев и урбаната мафија. Бројните висококатници кои се вивнаа во Аеродром, се директен причинител за загадувањето на воздухот во нашата населба. Тие не дозволуваат струење на воздухот низ населбата. Дополнително, по зголемување на бројот на население, неизбежно се соочуваме со сообраќаен метеж, предизвикан од несоодветна инфраструктура и постојано копање на улиците. Ивица Коневски го претвори Аеродром од зелена и урбанистички испланирана во хаотична населба, и една од најзагадените во Македонија“, реагираат од „Аеродром сака да дише“.