Концесионерот не го оградил арсенот и не поставил табли за предупредување во Лојане, ќе биде казнет

Јаловиштето со околу 15.000 тони арсен сулфид, опасен отпад којшто е лоциран во рудникот „Лојане“ на околу 100-тина метри од основно училиште, не е ограден. Ова за Мета.мк го потврдуваат од Државниот инспекторат за техничка инспекција, кои посочуваат дека турската компанија „Калтун Мадденџилик“ до моментот на поседување на концесијата, односно Договорот за концесија за екплоатација на техногени минерални суровини склучен во рудникот „Лојане“, не постапи по извршното и конечно решение на државниот инспектор, објави агенцијата Мета

Државниот инспекторат за техничка инспекција (ДИТИ) на 4 февруари годинава, по пишувањата на Мета.мк, изврши инспекциски надзор на посочените локации и констатираше дека јаловиштето во кругот на рудникот „Лојане“ и депонијата кај железничката станица во Табановце не се оградени и не се поставени информативни табли за опасност поради складираните суровини.

Државниот инспекторат за техничка инспекција тогаш го задолжи концесионерот да го огради просторот со заштитна ограда, да постави информативна табла за опасностите кои демнат од складираниот арсен и другите минерални суровини, но и на приодите не постави знаци на предупредување за опасност од користење на водата од јаловиштето. 

„Рок за отстранување на констатираните недостатоци беше 30 дена (триесет дена) од денот на приемот на Решение издадено од страна на Државниот инспекторат за техничка инспекција“, информираат за Мета.мк од Инспекторатот.  

Инспекторатот е прашан и за тоа дали досегашниот концесионер ќе добие казна, на што добиен одговор дека Државниот инспекторат за техничка инспекција повел постапка за порамнување и спогодување со изготвени прекршочни платни налози со изречена глоба за правното лице и одговорното лице во правно лице. 

Оваа постапка била закажана за 1 јуни 2022 година, а доколку постапката не биде прифатена од турската компанија, тогаш ќе биде изготвена и доставена до суд соодветна прекршочна пријава за концесионерот. 

Од Државниот инспекторат за техничка инспекција информираат дека тие немаат надлежност да преземат чекори за осигурување на безбедноста на учениците кои следат настава во основното училиште кое е во непосредна близина на јаловиштето со арсен во Лојане. 

Инаку, Владата на РСМ на седницата одржана на 8 март ја донесе одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата за експлоатација на арсенот и другите минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Владината одлука е објавена во Службен весник на 15 март, а во одлуката се наведува дека влегува на сила еден ден по нејзиното објавување.

Ваквиот потег на централната власт следеше откако турската компанија на почетокот од годинава достави барање до Министерството за економија за едностран раскин на договорот за концесија заради „немање економски интерес за понатамошно извршување на концесијата“.

Во сиот изминат период, луѓето, животните и целокупната животна средина во Лојане и Табановце се соочуваат со последиците од расфрланиот арсен на двете локации и со осум изгубени години за справување со опасноста што непосредно им го загрозува здравјето. И покрај сето ова, на нивите околу депонијата со арсен во Табановце при нашата посета забележавме дека се садат земјоделски култури, додека кај рудникот „Лојане“ исто така бевме лични сведоци дека се пасе добиток во кругот на овој локалитет.

Инаку, турскиот концесионер според неговите кажувања, во период од осум години наназад успеал да исчисти и продаде само 60 тони од проценетите околу 15.000 тони арсен сулфид што се лоцирани во јаловиштето во „Лојане“.

Мета