Концертна промоција на „Крик и прашина“ од Сашко Костов во МКЦ

Во сабота, со почеток од 21 часот, во МКЦ (сала 25 мај) ќе се одржи концертна промоција на новиот албум на Сашко Костов – „Крик и прашина“.

Со овој албум Костов отвора ново поглавје во неговото истражување на музиката. Не само инструменталниот сопствен предизвик – да се отсвират скоро сите инструменти на албумот, самостојно, туку и со текстовите на македонски јазик, напишани заедно со писателката Ана Стојаноска.

Албумот „Крик и прашина“ е оригинална, автентична, емотивно-експресивна приказна за едно патување низ музичките соѕвездија, се вели во најавата за промоцијата.

Славчо Пеев, Антонија Арангеловиќ свиреа на цел албум, а Михаил Парушев, Бојан Петков – Шамба, Анета Качуркова, Александар Ристовски – Принц, Огнен Анастасовски – Окац, се појавуваат како гости на по една песна.

„Осумте песни – „Прашина“, „Еј, еј“, „Ништо посилно“, „Living“, „Неонски хаос“, „Еве ти сон“, „Здив“ и „Последна“ ја создаваат и проектираат сликата за еден универзум полн различни предизвици и емотивни и сетилни, водени најчесто од идејата колку музиката може да биде одговорот на сите прашања“, стои во поканата за настанот.

На промоцијата Костов ќе свири со нов бенд составен од: Сашко Костов – вокали, гитара, семпелер и удиралки, Дамјан Данев – тапани, Марио Симоновски – гитара, Кире Ацевски – бас, Симон Облешевски и Мартин Џорлев – клавијатури.