Концертите за НАТО и ЕУ чинеле скоро 180 000 евра 

За 15 концерти кои ги организираше Владата на Република Македонија за НАТО и ЕУ од буџетот се потрошени  179.500 евра, соопшти Владата.

„Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на 40-тина изведувачи коишто настапија во 15 градови ширум Македонија, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција, а се вкупно со сите ставки чини 11.900 евра по град или вкупно 179.500 евра за прославата  „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“ во сите градови“, се наведува во владиното соопштение.

Притоа, за ангажманот на 40-тина домашни изведувачи се одвоени 75.500 евра, а како што посочуваат од Влада во секој авторски договор било наведено дека ангажманот е за „прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО“.  Трошоците за изведувачите кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат.

За сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување се потрошени 49.000 евра, а овој дел е реализиран од страна на компанија со којашто Владата склучила договор на тендер, се посочува во соопштението. За останатите потреби и услуги за организација на настаните, како логистика, редари, технички персонал,  заштитни огради, шатори, гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, се одвоени 35.000 евра. За оваа ставка, посочуваат од Влада, бил спроведен тендер со три понуди за избор на најповолен понудувач кој дал најниска цена.

Последната ставка за прославата е за „ангажман на лица за авторски труд за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видео продукција, визуелизации на бините и постпродукција“. За ова биле потрошени 20,000 евра или околу 1.300 евра по град.

Прославата, се додава во соопштението, е организирана врз основа на Одлука и заклучоци од редовна Седница на Владата на Република Македонија, одржана на 10.07.2018 година.