Концерти, изложба и промоција на книга на „Звукот на Скопје 6“

На 9 јули, срцето на градот повторно ќе пулсира во ритамот на добрата музика со летниот музички фестивал „Звукот на Скопје“, информираат од Културно информативен центар (КИЦ) – Скопје.

„Фестивалот, кој стана препознатлив симбол на урбаната културна сцена, ги обединува љубителите на различни музички жанрови и уметноста и им нуди незаборавно искуство под отворено небо. ‘Звукот на Скопје’ не е само фестивал – тој е културен настан што ги слави музиката, уметноста и духот на градот“, соопштува КИЦ.

Оваа година на сцената повторно ќе настапат свежи домашни музичари, кои, како што велат од КИЦ, со својот уникатен звук ќе создадат вистинска магија на летната вечер.

„Не пропуштајте ја можноста да бидете дел од едно од највибрантните случувања во Скопје ова лето“, повикува КИЦ.

На фестивалот ќе настапи Филип Шурбевски Езгија квартет, кој е најавен како вокално-инструментален состав што ја негува македонската традиционална чалгиска музика.

„Иако овој стил на изразување е во изумирање, овој музички состав сака да ја врати македонската чалгија што во извесен период беше заборавена, а е карактеристичен и претпознатлив белег на макдонската музика низ вековите која живеела на овие простори. Во репертоарот има застапено македонскии песни и ора во звукот на македонската чалгија. Од инструменти застапени се виолина, кларинет, џумбуш, ут, тарабука, деф и дајре, карактеристични чалгиски инструменти. Членовите на овој состав се професионални музичари со големо сценско  искуство и со голем број на настапи во земјата и надвор од неа“, соопштуваат организаторите.

На листата настапувачи е и „Педро Хоризонте“, бенд кој потекнува од Скопје, Македонија и започна со работа од 2019 година во почетна постава – Петар Младеновски (вокал, бас) и Гога Поп Георгиевски (гитара и вокал) и Владимир Митревски (тапани), кои се и актуелни членови на бендот. Се работи за искусни музичари кои свиреле во други проекти и бендови како „Суперхикс“, „Лилит“, „Но Нејм Нејшн“, „Поинт Бленк“, а започнаа со проби и компонирање песни во периодот 2020-2025 година.

„Во периодот 2019-2021 година ги снимија своите први песни во студиото на Дени Крстев наречено ‘Студио 1060’, а откако настапија на неколку фестивали и клубски свирки во Скопје во периодот 2022-2024 (Добра Идеја фестивал, Земјотрес фестивал, Октомвриски музички поход 2023), го издадоа и деби албумот ‘Паранормални хитови’ (distrokid rec) во мај 2025 година. Концертната промоција се случи пред 100 нивни драги обожаватели и пријатели во клубот ‘Лабораториум’. На фестивалот ‘Звукот на Скопје’, ‘Педро Хоризонте’ ќе го отсвират своето деби ‘Паранормални хитови’“, стои во најавата.

Мултиталентираниот Мартин Џорлев е име кое најчесто се поврзува со неверојатниот локален и регионален успех на инди-рок/пост-панк бендот „Луфтханса“.

„Но тој во македонскиот креативен простор се појавува и како дел од повеќе бендови и проекти, меѓу кои ‘Зулу 3.4’, соло-проектот ‘Стој, После!’, ‘(точка) ком’… Презимето Џорлев е врежано во нашата културна свест како доминантна асоцијација на музичка вредност, а Мартин не само што ја оправдува асоцијацијата, туку со уметничка независност го освојува просторот на алтернативната музичка сцена. Неговиот соло настап на ‘Звукот на Скопје 6’ ќе биде нешто сосема поинакво. Ќе свири на електрична гитара, пијано, електроника и вокали. Никој освен Мартин (а можеби ни тој самиот целосно) не знае како тоа ќе звучи. Настапот би бил една форма на јавно самоистражување. Отвореноста да бидеме изненадени ја сметаме за доблест. Дојдете со отворен дух и љубопитни уши“, повикуваат организаторите.

Амплидајн ефект“ е музички проект на Мартин Георгиевски од Скопје, кој низ годините е препознатлив по експериментални, амбиентални и изведби на импровизирана музика, со бројни настапи во земјава и странство.

„За овој настан, ‘Амплидајн ефект’ ќе се претстави во поинакво светло — со специјален дип хаус / афро хаус диџеј сет. Мартин има настапувано на фестивали како ‘Скопје џез фестивал’, ‘Похода фестивал’ (Словачка), ‘ПНЕМ СаундАрт фестивал (Холандија), „Д Фестивал“, ‘Филозофски филмски фестивал’, и многу други. Зад себе има обемна дискографија со повеќе од 30 изданија на етикети како ‘Transonic Records’, ‘Sharla Records’, ‘Shimmering Moods’, ‘Attenuation Circuit’ и други“, соопштува КИЦ.

На фестивалот ќе биде претставена и „Резови“ – изложба на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски. Организаторот објаснува дека се работи за изложба која поврзува двајца уметници со разни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност.

„Истражувајќи ги особините и можностите на бојата како ликовен медиум – нејзината вискозност, флуидност и пастуозност, Стефан Анчевски создава слободни отворени и шаховски композииции во кои е присутна хармонија по аналогија. Во одредени композиции преовладува спонтан пристап и употреба на бојата, каде доаѓа до израз нејзината вискозност и флуидност. Динамичните контурни линии во слободните асоцијативни апстракции на Марјан Стојаноски откриваат експресивен потег со брз и енергичен набој. Во неговите сликарски творби контрастната игра на линиите со различни карактерни обележја (нежни и груби, меки и цврсти, разиграни и крути) и акцентираните боени површини го предводат визуелниот наратив и семиотички дијалог, непосредно изразувајќи ја личната богата имагинативност и сензибилност. Со различни комбинации уметникот создава апстрактни композиции со асиметрична рамнотежа“.

Исто така, на „Звукот на Скопје“ ќе биде промовирана и книгата „Наследство: Кошмари“ од Јордна Коцевски. Тој има напишано повеќе од триесет научни и стручни трудови пред да му здосади и да одлучи да ја следи својата страст да стане писател.

„Збирката раскази ‘Време за живеење’, за која се преправа дека не постои, е неговото прво дело, објавено во 2001. Реакцијата на читателите за неговиот прв роман ‘Тегли’, објавен 2021, му докажа дека знае кај тера, и многу повеќе се посветува на пишувањето. Така, наредната година следуваа романите ‘Заследи ме’ и ‘Наследство: Прозорецот’, а романот ‘Зборови’ излезе од печат во 2023 година. Во 2024 година го објави романот ‘Тајни’. Живее во Охрид, каде што ја храни душата со неговите мистерии и убавини, додека работи како туристички водич и уредник на електронското списание за литература и друга уметност ‘(е)Лит’“, стои во најавата на КИЦ.

***

Детална програма и саатница:

Салон 19:19 – 20:30 часот
Концерт на Филип Шурбевски Езгија квартет

***
Кулпарк (пред КИЦ) – 21:30 часот
Концерт на Мартин Џорлев
Концерт на „Педро Хоризонте“
Диџеј Амплидајн ефект

***
Изложбен салон Империјал 1 – 20 часот
„Резови“ – изложба на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски

***
Изложбен салон Империјал 2 – 19:30 часот
Промоција на книгата „Наследство: Кoшмари“ од Јордан Коцевски
+ Мини саем на книги