Концерт во живо на „Јордан Костов квинтет“ во МКЦ

Преку серија концерти во живо приспособени на условите на пандемијата, „ПМГЏез“ се враќа на сцената со, како што велат тие, несмален ентузијазам и страст за презентирање на квалитетна музика. Веќе во петок, на 26 февруари, во Младинскиот културен центар концерт ќе оддржи квинтетот на Јордан Костов.

Композитор и армоникаш кој има објавено четири изданија преку „ПМГЏез“, Јордан Костов е еден од современиците на македонската џез сцена.

Од ПМГЏез“ велат дека најновото издание на Костов, со наслов „Come back“, деновиве ќе биде достапно на „Бендкемп“ профилот на „ПМГЏез“.

„Yordan Kostov Quintet, во кој освен авторот, партиципираат и Андреа Мирческа, Филип Букршлиев, Дамјан Грујо и Драган Теодосиев, е маркантна и сонично флуентна екипа на млади, но беспрекорно талентирани музичари. Нивната соработка е мошне плодна и се протега на неколку изданија и сценски настапи. Нивната музика освојува на прва, понекогаш на втора… потоа следи разоружување, боца Martini Rosso и фабулозен провод. Сјајни ликови и квалитетни музичари, кои благо речено го заслужуваат вашето потполно внимание“, велат од „ПМГЏез“.

Оттаму дополнуваат дека концертот ќе се оддржи според пропишаните правила и норми за однесување во пандемиски услови.

Задолжително е носењето маски и одржување на физичко растојание.

Бројот на билети е строго ограничен на 70, а времето на почетокот на концертот е прецизно во 20 часот. Заинтересираните можат да ги купат билетите онлајн, а влезот на публиката ќе биде овозможен од 19 и 30 часот.