Концерт во изолација со пијанистот Дино Имери

Нашиот реномиран пијанист, Дино Имери,  денеска (9 мај) ќе одржи концерт во живо во празна сала на Музејот на македонската борба, насловен како „Концерт во изолација“ со почеток во 18 часот.

На него се најавени изведби на дела од Бетовен, Рахманинов, Брамс, Дебиси…

„На програмата се дела кои ми се многу блиски на срце, музика која ни е потребна на сите нас во овие денови.
Премиерна изведба ќе доживее аранжманот за пијано на Дијана Имери Илкоска од првиот став на Брамсовата втора симфонија, но и неколку други музички изненадувања. И не заборавајте, уметноста е имуна на сите болести, уметноста е вечна. Останете дома и уживајте во оваа музичка приказна!“, порачува пијанистот.

Концертот ќе може да се проследи во живо преку социјалните мрежи.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.

Добитник на голем број награди и признанија, Имери бележи и бројни домашни и меѓународни дискографски изданија, а од Декември 2018 г. се стекнува со звање Доцент и предава на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје повеќе предмети од областа на Пијано, Камерна Музика, Корепетиција и Пијано во контекст.