Концерт на виртуозот на харфа Емануел Сејсон на „Охридско лето“

На фестивалската сцена во катедралната црква „Света Софија“, со почеток во 20:30 часот ќе се одржи концертот на светски познатиот виртуоз на харфа, Емануел Сејсон од Франција. На програмата се дела од Бах, Шпор, Рение, Дебиси, Форе и Салзедо.

Со концерот ќе биде заокружена првата половина од 57. фестивалско издание на „Охридско лето“.

Инаку, Сејсон е добитник на повеќе награди, меѓу кои и златен медал во 2004 година на Интернационалниот натпревар за харфисти во Блумингтон (САД), во 2009 година победува на престижниот натпревар „АРД“ во Минхен, а 2011 година е добитник на наградата за развој на кариерата од Францускиот институт за уметности.

Во периодот од 2006 до 2015 година Емануел е соло-харфист во оркестарот на Париската национална опера. Тој е редовен гостин на фестивалот во Картагена (Колумбија), одржува мајсторски курсеви во Ница и е главен предавач на мајсторскиот курс поддржан од Финдацијата „Салви“.

Во моментов Емануел Сејсон е соло-харфист на операта „Метрополитен“ во Њујорк и предава харфа.