Концерт на виолинистката Пламенка Трајковска со гудачки квартет во Гостивар

Виолинистката Пламенка Трајковска заедно со нејзините колешки како гудачки квартет вечерва ќе го одржат концертот Апасионато, во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар.
На концертот ќе бидат изведени композиции од А. Вивалди, Ј.С Бах, Ј. Брамс П.И. Чајковски и други композиции од класичниот репертоар обработени во „кросовер“ стил за гудачки квартет.

Концертот претставува звучна и визуелна атракција која вклучува музичка интерпретација, кореографија, видео проекција и е наменета за доближување на класичната музика до најшироката публика. Композициите од концертот се креација на истоимениот албум на Пламенка Трајковска кој е достапен преку најголемите онлајн музички мрежи Ајтунс и Амазон. Апасионато досега е претставен во речиси сите градови во Македонија. Покрај Трајковска во гудачкиот квартет ќе учествуваат и реномираните музичарки Наташа Диденко, Љубица Бошкоска и Ени Вучидолова.

Концертот се одржува по повод државниот празник Илинден и почнува во 20 часот. Влезот е бесплатен.